Интерактивна мапа: Дознајте каде се појавил корона вирусот и колку има заболени


За да можат полесно да се следи ширењето на корона вирусот во светот, научниците од реномираниот американски универзитет „Џон Хопкинс“ објавија интерактивна мапа во која се прикажани бројките на потврдени случаи на инфекција од овој вирус по земја, бројот на починати и бројот на излечени.

Експертите посочуваат дека нема причина за паника, а на луѓето им се советува редовно да ги мијат рацете, да избегнуваат контакт со лица кои неодамна биле во областите погодени од заразата, како на пример северна Италија, Кина и Јужна Кореја, како и да бидат претпазливи при контактите со животните.

Лекарите посочуваат дека ризични групи се пушачите, децата и лица над 65 години. Досега е откриено дека корона вирусот се шири преку директен контакт, преку телесните течности и со допирање на предмети кои биле изложени на вирусот.

Инаку, корона вирусот се шири и во земјите во регионот. Најмногу е погодена Италија каде што до сега се потврдени 322 заболени и десет починати лица.

Вчера беше регистриран и прв случај на корона вирус во Хрватска, и две лица во Австрија.

Во Македонија, сите до сега сомнителни случаи беа негативни на корона вирусот. Здравствените власти уверуваат дека се добро подготвени, дека располагаат со доволен број тестови и заштитни средства, како и дека се добро организирани за да се одговори на сите предизвици поврзани со евентуалната појава на овој вирус и кај нас.