Продолжува конзервацијата и заштитата на најголемиот иконостас во Македонија

Конзерваторите од битолскиот и од прилепскиот Завод и музеј интензивно работат на реставраторските и конзерваторски работи на заштитата на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“. Тимот стручњаци работи на втората фаза од проектот на заштитата на иконостасот по ланските почетни детектирања на општетувањата и првите зафати на конзервација и реставрација. Догодина ќе биде завршната и најбитна фаза – стабилизација на целата конструкција со монументални димензии 16 на 7 метри.
Оливера Макриевска, конзерватор советник од битолскиот Завод и музеј, раководител на проектот уверува дека ова бесценето дело, едно од трите во земјава, на мијачките мајстори целосно ќе биде заштитено и нема никакви опасности за него.
„Продолжуваме со реставраторско-
Од прилепскиот Завод и музеј се категорични дека нема основа за стравувањата дека конструкцијата може да падне. Горан Цветкоски, директор на оваа институција, нагласува дека токму затоа догодина е последната, завршна фаза – стабилизација и зацврстување на конструкцијата на иконостасот.
„Задоволни сме како се одвиваат реставрацијата и конзервацијата. Поднесен е проектот за заокружување на работите за догодина. Во наредната, 2023 година, ќе работиме на статиката на сите потпорни ѕидови на иконостасот. Тоа ќе биде завршна фаза. Иконостасот е заштитено културно добро и со целосната заштита нема опасност од уништување“, изјави Цветкоски.
Реставраторските и конзерваторските работи ќе се одвиваат до средината на декември. Овој иконостас е едно од трите ремек дела на мијачките мајстори, заедно со оние во Бигорскиот манастир и во скопската црква „Свети Спас“. Овој, во прилепската црква „Свето Благовештение“ е најголем, најмонументален. Датира од пред 184 години кога е градена прилепската најпозната црква „Свето Благовештение“, меѓу граѓаните препознатлива како Стара Црква.