Интензивирање на ТВ-наставата за да се опфатат сите предмети во основно

Предавањата на наставниците, односно часовите ќе траат по 15 минути, велат од МОН, со цел да биде опфатена наставната материја по сите предмети од прво до деветто одделение. Продолжува и емитувањето содржини за децата на претшколска возраст.
„ТВ Училницата“ на македонски јазик може да се следи на МТВ1 од 9:15 до 12:10 часот, а на албански јазик на МТВ2 од 12:30 до 14:30 часот.Од МОН апелираат учениците да не ја пропуштаат наставата преку „ТВ Училница“, нагласувајќи дека едукацијата не смее да запре зашто знаењето е најмоќната алатка за личен успех.

Исто така, од денеска и сите факултети треба да организираат онлајн-настава за студентите поради условите што ги наметнува ризикот од ширење на корона вирусот.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми по средбата со претставници на државните и на приватните универзитети минатата недела, соопшти дека високообразовните установи  се информатички и технички опремени и професорите се подготвени да придонесат за организирање настава на далечина за студентите.

Олеснителна околност, рече Адеми, е што, за разлика од основците од пониските одделенија, овде се работи за студенти кои се вешти во користењето ИТ-уреди и едукативни алатки и апликации и оти дел од факултетите  онлајн-учење веќе применуваат во регуларниот тек на студиската година.

Ректорите на УКИМ и на Американ колеџ, Никола Јанкуловски и Томе Неновски, како претставници од државните и од приватните универзитети, по средбата со Адеми истакнаа дека има услови за непречено функционирање и одржување, пред сè, на додипломската настава на универзитетите. Евентуални проблеми би произлегле понатаму за полагање на испитите, но се надеваат дека и за тоа ќе најде решение.