Интензивирање на комуникацијата за надминување на недоразбирањата со Софија
Интезивирана комуникација со Софија деновиве за изнаоѓање решение за спорот со Бугарија, по испраќањето на бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки на Европската Унија, во кој се оспоруваат македонскиот јазик и македонската нација. Премиерот Зоран Заев, кој наскоро заминува за Софија на средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, вчера по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба порача дека борбата на македонските револуционери никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на едни врз други, туку за владеење на принципите на правда, одговорност и еднаквост и дека никогаш не била свртена кон минатото, туку кон иднината.
-Во духот на овој завет, во име на нашата единствена иднина како дел од демократскиот и прогресивен свет, со членството во НАТО и Европската Унија, пруживме рака за соработка со сите наши соседи. Нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба!, истакна вчера премиерот во својата честитка.
Учејќи од цивилизациското наследство кое го остави македонската револуционерна борба, Заев ги повикавме сите добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, да се обединат околу создавањето едно праведно општество за сите.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во интервју за ТВ Канал 5 рече дека мешовитата македонско-бугарска Комисија е инструментот за решавање на проблемот со Бугарија и дека тоа што ќе произлезе од неа е најодржливото решение.
-Теоретски може политичарите да најдат решение, меѓутоа колку се тие одржливи. Затоа што секогаш ќе се гледаат од политички контекст, дека биле политички решенија а не биле на научни согледувања и решенија и утре кој било може да ги спори тие решенија. И затоа сметам дека е најодржливо, најцврсти решенија ќе бидат тие што историчарите без влијание на политичарите ќе ги донесат како заклучоци, истакна Османи.
Според министерот, проблемот со македонскиот јазик кој го имаат Бугарите е во различната интерпретација по однос и на таа дефиниција што значи според Уставот на Република Македонија тогаш, сега Република Северна Македонија.
– Поврзано е со потеклото на јазикот. Спорот е заради нивниот став дека треба да се признае историскиот контекст на генезата на јазикот. Меѓутоа, нашиот став е дека прашањето на јазикот не е прашање кое што се регулира во меѓудржавните односи тоа е прашање кое што произлегува од правото на самоопределување и на самоизјаснување на граѓаните, рече Османи.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО Народна Партија Љубчо Георгиевски пак во интервју за БГНЕС кое го дал за време на неговата посета на Софија вели дека „Длабоката држава” во Македонија ги нарушува нормалните односи меѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија, вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност и посочува дека во суштина, тие не се сите Македонци.
– И покрај „длабоката држава“ во Македонија, ние сакаме зближување со Бугарија, Гоце Делчев нè обединува, вели Георгиевски.
Според него, југословенската историографија ја призна македонската нација како најмлада на Балканот, а пак, како што вели, Никола Груевски со антиквизацијата и нанел тежок удар.
– Треба да ги признаеме заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија, Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување, смета Георгиевски.
Претседателот на опозициката ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вчерашниот протест со автомобили од пред Собранието порача дека Македонија мора да отпочне преговори со ЕУ час поскоро и дека мора да се случи час поскоро таа меѓувладина конференција.
-Тоа е нашата единствена иднина, а ВМРО беше создадено како резултат на прозападните убедувања, затоа што кога многумина во Европа зборуваа за монархии и царства, ВМРО се бореше и крв лееше за сопствена република на Балканот. Македонија даде илјадници жртви во борбата против фашизмот, борбата против крвавиот дел од комунизмот. Македонија е браникот со кој се брани Европа, истакна Мицкоски..
Според него, доколку биде прифатено дека Гоце Делчев во регионална смисла бил Македонец, а по националност Бугарин, тоа ќе значи удар во темелите на македонската нација.Мицкоски рече дека мора за клучните прашања да се покаже единство, морал и црвена линија која заедно ќе ја браниме.
Под насловот „Бугарија-Северна Македонија: јазична кавга“ парискиот весник со демохристијанска ориентација „Ла Кроа“ објави дека Софија го оспорува постоењето на македонски јазик и се заканува да го блокира отворањето на пристапните преговори меѓу Европската унија и Северна Македонија. Софија би можела да истрае во блокирањето, но делумно и блефира, смета весникот, бидејќи, како што наведува, таа не би добила многу со спротивставувањето на нејзините европски партнери за отворање на пристапните преговори.
-Внатрешната бугарска политичка ситуација, со демонстрациите против корупцијата и наддавањето на националистичката партија ВМРО, член на владината коалиција, игра важна улога во оваа расправија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов би можел да истрае во неговото блокирање, но во тоа има елементи на блефирање, бидејќи тој не би добил многу со спротивставување на неговите европски партнери за отворање на пристапните преговори, кои во секој случај ќе траат десет години“, истакнува европскиот дипломат за „Ла Кроа“
Премиерот Зоран Заев на почетокот на следниот месец заминува во Софија на средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, во рамки на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020. Земјава прави дипломатски напори да се најде излез од ситуацијата, по објавувањето на бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки на ЕУ, со кој меѓудругото се негираат македонскиот јазик и македонската нација и вложува во зајакнување на билатералната комуникација со Софија, истовремено потенцирајќи дека за темите кои произлегуваат од Договорот со Бугарија има јасна волја да се решаваат преку работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија.