Интегритетот на мостот „Беласица“ не е нарушен


Фото: Б. Грданоски

Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот, соопшти градоначалничката Данела Арсовска на денешната прес-конференција.

Пожарникарите завршиле добра работа, со нивната брза реакција и навремена интервенција, па мостото, најверојатно не е загрозен.

Таа им се заблагодари на пожарникрите кои секојдневно ги спасуваат животите и имотот на граѓаните на Скопје  и им го честита Денот на пожарникарите.

– Воедно би сакала и да им се заблагодарам за експресната реакција при пожарот на мостот „Беласица“ со што спречија поголема материјална штета и негово проширување. Сакам оваа прилика да ја искористам и да ги замолам сите институции кои се сметаат за засегнати да не шират страв и паника кај граѓаните со паушални тврдења кои се однесуваат на било какви наводни структурни оштетувања на мостот – повика Арсовска.

Потврди дека, службите на Градот Скопје и таа уште од првата вечер се на терен на увид во настаната штета при пожарот.

Мостот „Беласица“ по пожарот (Фото: Б. Грданоски)

– Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија туку и пошироко професорот Михаил Гаревски кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој – рече Арсовска.

Заедно со помошта на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги презема сите потребни проверки со цел да бидат сигурни дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата која би можела пожарот да ја нанесе на мостот „Беласица“.

Мостот „Беласица“ по пожарот (Фото: Б. Грданоски)

– Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот – рече Арсовска.

Апелира до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот „Беласица“ како што тоа го прави Градот Скопје со цел да дојдат до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба.

Инаку, по пожарот, мостот беше затворен за сообраќај и пешаци, што дополнително доведе за метеж во градот. Се создаваат колони возила од страната на Железничката станица, но и од кај „Ис Гејт Мол“. Тоа придонесува, метеж да има и кај „Мавровка“ и кај Црвениот крст. Скопјани очекѕваат што побрзо да се пушти мостот во употреба за да се намали сообраќајниот хаос.