Интегра: Наоѓалишта со нафта и гас се кријат од нас дека постојат, а ги има


Средби со граѓани во Тетово вечерва остварија  кандидатите за пратеници од македонската конзервативна партија Интегра предводени од претседателот Љупчо Ристовски и носителката на листата во Шестата изборна единица, Виолета Србиновска. Партискиот лидер ја посочи програмата насоловена „Нова македонска ренесанса како визија за подобар живот во Македонија“.

– Мора да настапи новата македонска ренесанса бидејќи не се гледа крајот на тунелот чија темнина ја создаваа во овие 30 години  двете најголеми партии кај Македонците. Периодот на просперитет и ренесанса ќе настапи доколку ја добиеме вашата поддршка, рече Ристовски.

Според него, државата нуди многу можности за заработка кај македонскиот народ.

Наоѓалишта со нафта и гас се кријат од нас дека постојат, а ги има, и многу може да се заработи. Има можности за нова транспортна стратегија и возови за еден час до секоја точка во Македонија, геотермалните води да се искористат за термален туризам и слични проекти за привлекување посетители, рече Ристовски.

Носителката на листата во Шестата изборна единица Виолета Србиновска се обрати пред своите сограѓани од Тетово.

-Македонскиот народ мора со поддршка на Интегра да придонесе во зачувување на македонскиот идентитет и суверенитет во услови кога Македонецот е граѓанин од втор ред во својата држава. Мора да ги задржиме младите со чесна и одговорна работа и посветеност, рече Србиновска.