Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина доби мијаваки урбана шума


На Институтот за патофизилогија и нуклеарна медицина денеска беше отворена мијаваки шума, прва од таков вид, донација на невладината организација „Зелена планета за сите“. Станува збор за урбани шуми кои даваат три пати повеќе зеленило од вообичаените насади.

– Заменик-министерката за заштита на животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска нагласи дека минатата година преку програмата за инвестиции во животната средина која се објавува еднаш годишно, го препознале и го поддржале проектот мали урбани шуми со што помогнале во неговата реализација.

– Денеска Скопје ја добива првата мала урбана шума на Балканот. Секако бладарение на методот воведен од јапонскиот ботаничар Акира Мијаваки кој се базира на ремедијација на просторот со автокхтони сорти на дрва и грмушки, а продобивките се признати и потврдени и од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Покажуваме дека ги препознаваме и ги следиме добрите светски практики. Очекувам дека оваа мала зелена оаза ќе биде добар пример на пејсажно уредување во нашите градови бидејќи има повеќекратни придобивки за многу краток временски период, истакна Оџаклиеска.

 

Имено, пред околу две години Јапонија за Институтот за патофизилогија и нуклеарна медицина донираше современ ултразвучен колор доплер систем. Донација со вредност од околу 23.000 евра. Поради пандемијата со Ковид-19 досега во земјава не беше одбележана јапонската донација и од таа причина денеска на Институтот се собраа претставниците на надлежните институции кои порачаа дека со ултразвукот е зголемен обемот на прегледи за околу 30 проценти и досега се направени околу 6000 прегледи.

– Ултразвучната дијагностика е од непроценливо значење кај пациенти со нодозна струма, особено за следење на пациенти оперирани од тироиден карцином за што се создадоа подобри услови со реализирање на GGP проектот од Јапонската амбасада преку „Проект за подобрување на болничката средина на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина во Скопје преку набавка на современ ултразвучен колор доплер систем”. Вредноста на донацијата беше околу 23.000 евра, а истата се реализираше во текот на 2020 година. Ехо-апаратот се користи од вработените на ИПНМ веќе две години и придонесе за поголемата достапност на методата и зголемување на бројот на ехо прегледи кај пациентите со заболувања на штитната жлезда за 30 проценти, истакна раководителката на ИПНМ проф.д-р Даниела Миладинова.

Јапонскиот амбасадор Хиронори Савада информираше дека дигиталниот ултразвук е брендот Хитачи, упатувајќи благодарност што со донацијата се намалило времето за чекање на преглед на тероида.

– Во рамки на Иницијативата за Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во ЕУ. Од 1996 година Јапонија поддржа 171 проект во вкупна вредност од 8,5 милиони евра, во секторот на здравство, образование и животна средина, од кои 23 проекти се потпишани во изминатите 12 месеци. Се надевам дека ќе можеме да го поддржиме здравствениот сектор и неговиот капацитет и да помогнеме за подобро здравје на жителите на Северна Македонија, нагласи Савада.

Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски изрази огромна благодарност за донацијата.

– Како држава сме среќни што не само оваа донација туку и сите години наназад, Јапонија е еден од најголемите донатори во македонското здравство со една софистицирана и модерна опрема во сите сегменти со која ќе се подобри квалитетот и во дијагностиката и во пружањето на здравствените услуги, рече Рендевски.