Институтот за македонски јазик најавува создавање корпус на македонскиот јазик


Продолжувањето на континуираното проучување на македонскиот јазик на сите рамништа, создавањето на корпус на македонскиот јазик и големиот наплив на англицизми беа издвоени како најголемите предизвици на денешниот настан по повод Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

Проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, нагласи дека Институтот преку своите проекти и објавени дела веќе осум децении ги промовира и потврдува основните принципи за фонетски правопис, застапеност на граматичките форми и збогатување на речникот од сите дијалекти. Таа истакна дека еден од клучните проекти е Македонскиот дијалектен атлас, чиј прв том неодамна беше објавен со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам. Воедно, најави дека следен поголем проект е корпусот на македонскиот јазик.

-Со оглед на тоа дека сите картотеки на Институтот се дигитализирани и имаме високо стручен научен кадар, ние сме најпогодни за создавање корпус на македонскиот јазик. Денес ја бараме поддршката од сите релевантни фактори, особено од МОН и Министерството за култура и универзитетот УКИМ, како и од техничките и информатички факултети и други институции, поединци и општествено одговорни компании, рече Јованова-Грујовска.

Според Јованова-Грујовска, освен професионална и патриотска преокупација, македонскиот јазик е „наше духовно и културно богатство, наше главно идентитетско обележје, наша љубов и наша бесконечна татковина“.

Проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, ја истакна важноста на законската кодификација на македонскиот јазик како значајна етапа во неговиот повеќевековен развој. Таа нагласи дека азбуката и правописот се основни јазични документи кои претставуваат конкретна реализација на кодификацијата.

 

-Денешниот ден нѐ врзува и нас како водечки универзитет да го продолжиме писменото наследство и да го негуваме и развиваме македонскиот јазик, што не е само наша традиција, туку и наша одговорност, рече Ангелова.

Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, во изјава за медиумите пред настанот, го истакна главниот предизвик со кој се соочува македонскиот јазик – големиот наплив на англицизми.

-Главниот предизвик со кој што во моментов се соочуваме е голем наплив на англизми со кои што ние тешко може да се справиме затоа што тие влегуваат на дневно ниво во огромен број. Тоа влијае врз структурата на јазикот и е многу поопасно отколку површинските лексеми кои можат да се заменат, рече Пановска-Димкова.

На настанот беше презентирана и кратка најава на документарниот филм „Аз, буки, веди“, направен во соработка со ПСУ „Јахја Кемал“ – Тетово.

На 5 мај 1945 година е објавена и озваничена македонската азбука со Решение за македонската азбука. Кодификацијата на македонскиот јазик е направена со Одлука на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни истата година е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик и наука за јазикот, Блаже Конески: Граматиката на македонскиот јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, со што се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.