Институтот за јавно здравје регистрирал две лица кои третпат се заразиле со Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) регистрирал две лица кои третпат се заразиле со коронавирус. Едното лице имало хронична бубрежна болест и оди на дијализа, а другиот случај бил пријавен вчера и уште не е готова епидемиолошката анкета.

Ова денеска го кажа епидемилогот од ИЈЗ д-р Драган Кочински, кој дополни дека според нивните извештаи регистирани се 953 реинфекции со Ковид-19.

Информациите беа споделени на онлајн средба која ја организираа Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа и Канцеларијата на СЗО во Македонија, во соработка со НВО Инфоцентарот.

Д-р Кочински кажа дека кај реинфекциите, присутни се сите возрасни групи.

„Повеќето се со коморбидитети, а мислам дека досега се пријавени 7 смртни случаи од реинфекциите“, изјави д-р Кочински.

Заклучно до вчера, вкупно ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата се 218.194, оздравени се 204.685, починаа 7.688, а активни се 5.821 болни.