Институт за педагогија против новиот концепт за образование


Членовите на Институтот за педагогија со мнозинство гласови донесоа заклучок дека не може да се прифати понудената концепција за осново образование.

– Институтот за педагогија смета дека нацрт-концепцијата има методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на нашата воспитно-образовна и општествена реалност и смета дека имплементацијата на оваа концепција може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, информира Институтот за педагогија.

Од овие причини, како што наведува Институтот во известувањето, треба да се запрат активностите во врска со концепцијата и да почне процес на сериозна стручна и академска расправа која ќе резултира со нова концепција.

– Проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и проф. д-р Лена Дамовска, кои се дел од работната група за подготвување на нацрт-концепцијата за основното образование, даваат безрезервна поддршка да продолжат реформите затоа што сметаат дека ќе се одвиваат етапно, додека проф. д-р Алма Тасевска беше воздржана, се наведува во дописот од Институтот за педагогија и неговата раководителка Јасмина Делчева-Диздаревиќ.