Институциите се подготвени за трансформација и европеизација на земјата, вели Маричиќ

Последниот извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија претставува најсилен доказ за посветеноста на Владата да ја трансформира државата по европски терк и да овозможи еднаков пристап до правдата, еднакви можности за сите и еднаквост пред Законот, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.

Во Извештајот, како што посочи, ни се одава признание за добриот напредок на реформите во правосудството, во борбата против корупцијата, а воедно и се констатира усогласеност на законската рамка за заштита на човековите права со европските стандарди во најголема мера.

Според Маричиќ, со овој Извештај и со отворањето на преговорите до крајот на годината имаме добра стартна позиција.

-Следува период на трансформација и европеизација во која секој граѓанин треба да почувствува видлива и опиплива промена, повисоки стандарди и подобри услуги од институциите, пофункционален систем, еднаквост пред Законот и заштита на своите права, истакна министерот.

Рече дека се зголемени напорите на нашата земја и остварени се видливи резултати како во судството, така и во борба против корупцијата и организираниот криминал, притоа цитирајќи делови од Извештајот кои се издвојуваат како најзначајни за постигнувањата на Владата во оваа област.

-Како резултат на нејзините реформи напори во последните години Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството како што се правила за именување засновани врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси, како и дисциплински постапки, рече министерот.

Воедно, како што истакна Маричиќ, во Извештајот се оддава признание за добриот напредок на имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството во која се адресирани итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе, како и препораките од Венецијанската комисија.

-ЕК има и пофални зборови за проактивната улога на Судскиот совет, особено во делот на примената на новите правила за именување и унапредување на судиите, како и за утврдувањето на дисциплинска одговорност и разрешување на судиите, рече министерот за правда.

Како успех, додаде тој, се забележува и усвојувањето на Законот за Советот на јавните обвинители, Законот за јавно обвинителство кој што беше донесен со двотретинско мнозинство и продолжувањето на постапките на СЈО преку кои ќе се утврди одговорност за злосторствата што произлегуваат од и околу незаконското прислушкување.

-Воедно со Извештајот се испраќа и една порака дека ни се потребни повисоки стандарди на однесување, а дека законите ни требаат и во пракса, а не само на хартија и ќе цитирам еден дел којшто се однесува токму на ова: „Ефективната имплементација на законската рамка, како и зголемените напори на сите засегнати страни да покажат преку сопствениот пример ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во судството“, посочи Маричиќ.

Според него, овие позитивни оценки треба да ги искористиме како мотивација да направиме уште повеќе и да работиме уште подобро.

Министерот посочи дека главните препораки во правосудството за наредниот период којшто доаѓа или задачите коишто треба да ги направиме пред се се однесуваат на конзистентна имплементација на Стратегијата за реформи на правосудството и демонстрација на цврста посветеност на независноста на правосудството заштитувајќи го од каков било ризик од политички влијанија вклучително и со употребата на достапни механизми за проверка на професионалноста и интегритет на судиите и обвинителите.

-Финализирање и започнување со имплементација на стратегиите за човечки ресурси за судството и ЈО и подобрување на АКМИС системот со цел да се обезбеди негова целосна функционалност и сигурност. Да се продолжи со имплементација на новата законска рамка поврзана со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и новиот Закон за ЈО, рече тој.

Одредено ниво на подготвеност, како што посочи, се забележува и во делот на превенцијата и борбата против корупцијата, посебно што ЕК ја поздравува проактивноста на ДКСК особено во бескомпромисноста во борбата против корупцијата и отворањето на голем број на случаи, вклучително и оние коишто опфаќаат високи функционери во целиот политички спектар без разлика на припадност и неселективно.

-Во делот на борбата против корупцијата клучните препораки на ЕК за наредниот период се имплементација на новата законска регулатива со која се префрлаат некои од надлежностите на поранешното СЈО во ЈО за гонење на организиран криминал и висока корупција и регулирање на статусот на прислушуваните материјали, така што утврдувањето на одговорноста за кривичните дела што произлегуваат од прислушувањето ќе продолжи, ќе добие своја конечна судска разрешница, истакна Маричиќ.

Посочи дека треба да покажеме повеќе опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот или досието со конечни пресуди за случаи на корупција на високо ниво вклучително и со понатамошна конфискација на имот којшто е стекнат со криминал.

-Последно, но не помалку значајно, ЕК ни препорачува демонстрирање на политичка волја за борба против корупцијата преку поддршка на релевантните тела со натамошни финансиски и човечки ресурси и преку обезбедување јасни политички упатства за сите државни институции за тоа како да се справат со корупцијата во согласност со препораките на ДКСК, рече Маричиќ.

Во однос на законската рамка за заштита на човековите права, рече дека во голема мера е во согласност со европските стандарди. -Тоа се сите овие елементи се претежно опфатени во Поглавјето 23 – Судство и темелно право. Препораките од ЕК во областа на заштита на човековите права се во насока на тоа дека треба повеќе да се посветиме на обезбедување на создавање на повисоки стандарди и подобрување на условите во затворскиот систем, како и на исполнување на препораките за Комитетот за заштита од тортура на Советот на Европа, додаде тој.

Одреден прогрес, како што истакна министерот, е забележан и во делот на имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик.

-Се нотира дека треба во еден инклузивен процес во наредниот период да направиме дополнително усогласување со сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и со Венецијанската комисија што и Владата го најави како процес којшто ќе следува и којшто ќе го направиме, рече министерот.

Наш приоритет како за почеток на преговорите, така и за целиот тек на преговорите со ЕУ, како што рече Маричиќ, ќе биде изградба на транспарентни, ефикасни, независни и непристрасни правосудни институции базирани на принципот на владеење на правото и заштита на човековите права.

Во контекст на тоа истакна дека како Влада и како Министерство за правда остануваат на заложбата сите реформски процеси од Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ и под лупата на нашите соработници и пријатели во Брисел.

-Нашите институции се подготвени за трансформација и европеизација на Северна Македонија и очекуваат конечно започнување на првата Меѓувладина конференција во декември оваа година. Во почетокот на првата Меѓувладина конференција за спроведување на реформите кои ќе бидат детално следени од ЕК и од ЕУ ќе се усвои патоказ за поглавјата во делот на владеењето на правото, поточно Поглавје 23 и Поглавје 24 во кој патоказ детално ќе се разработат со точно утврдени рокови реформите кои треба нашата земја како кандидат за членство во ЕУ да ги преземе во текот на преговорите со цел успешно завршување на истите и успешно пристапување кон членство во ЕУ, нагласи министерот за правда.

Со поддршка од Европската Унија, како што рече Маричиќ, Северна Македонија може да стане подобро место за живеење. – Јас ве уверувам дека ние како Влада ќе направиме се да ги исполниме овие услови и да ја донесеме долгоочекуваната промена по која нашата земја РСМ ќе треба да биде полноправна членка на ЕУ, додаде министерот за правда на денешната прес-конференција.