Институциите креваат раменици: Никој не знае кој ја компромитира истрагата за „Рекет“


Информацијата дека исказот на второосомничениот за случајот „Рекет“, Зоран Милевски-Кичеец се нуди на продажба фрли нов сомнеж на истрагата која во затвор ја однесе и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева. Адвокат на еден од осомничените во Обвинителството пријавил дека непознато машко лице од непознат број му го нудел на продажба исказот на Кичеец, што обвинителката која го води овој случај, Вилма Русковска, не и го дава на одбраната да го види.

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде се води истрагата, се собираат доказите и се даваат исказите ,се води внатрешна истрага со која треба да се утврди дали и кој од обвинителството изнесувал и нудел за продажба доверливи документи. Ова Обвинителство е сместено во истата зграда со Апелацискиот суд, па сега се врши проверка на безбедносните камери во судот. Освен камерите се врши проверка и на повиците од телефонскиот број од кајшто се јавило непознатото лице. Според неофицијалните информации, лицето кое го нудело на продажба исказот на Кичеец, било на возраст од педесетина години, а бројот бил со префикс 079, од мобилниот оператор „Лајка“.

Од Обвинителството тврдат дека во институтицијата постојат безбедносни протоколи и претходно преземени мерки кои ја гарантираат тајноста на постапката. Сепак, пред неколку месеци од истата оваа истрага во јавноста беше објавена првата страница од записникот од исказот на Орце Камчев, осомничениот бизнисмен кој прво кај премиерот Зоран Заев, а потоа и кај обвинителката Русковска пријави дека Бојан Јовановски-Боки 13 му изнудил рекет од 1,5 милион евра. За овој исказ обвинителството извршило проверки и утврдиле дека записници и други докази што беа објавени во медиумите не потекнуваат од кај нив.

Тие објаснуваат дека записниците за поднесени кривични пријави, како и записници од искази на лица сосолушани во својство на сведоци во предистражна и истражна постапка не се даваат на никој, туку остануваат во предметот. Но, копија од овие записници се доставува до судот по донесена наредба за спроведување на истражна постапка и предлог за определување на мерка притвор, со цел судијата на претходна постапка да има увид со какви докази располага обвинителството при носење на наредбата за истрага, како и дали барањето за определување на мерката притвор е оправдано. Значи во овој случај копија од изјавата на Камчев била доставена и во судот, пред да има биде определен притворот на Боки и на Кичеец.

Но, и од Кривичниот суд, каде се определуваа притворите, утврдиле дека таков документ не излегол ни од кај нив.

„Извршени се разговори со повеќе лица и утврдено е дека таков документ не излегол од Судот“, вели претседателот на судот, Иван Џолев и додава дека во меѓувреме презеле мерки за претпазливост и го подобриле начинот на достава на предметите и списите до другите институции. Нивните аргументи се дека кога протекол документот во јавност Судот веќе го имал испратено до другите институции. Тие како институција својата безбедност ја покажуваат со тоа што предметите на Специјалното јавно обвинителство со години се кај нив и досега не протекол ниту еден документ. Освен овие два извора, единствен трет кој би можел да има копија од записниците е сведокот или одбраната на осомничениот кој давал исказ, но во јавноста тие негираат дека воопшто имале исказ. Адвокатот Звонко Давидовиќ кој со години работи на кривични предмети, вели дека ова само покажува дека Обвинителството не е реформирано и не е кадарно.

„Обвинитетелството не е кадарно да ги сочува тајноста на истрагата и доказите кои ги има ,туку сите протекуваат. Тоа покажува дека навистина не е на висина на својата задача и обврските кои ги има според законот. И понатаму нема реформа во Обвинителство и секој ден сѐ повеќе се покажува колку тоне и судството и обвинителството. Дозволуваме на ист начин да се одвиваат работите против она за што се боревме и против она за што сите, не само домашната, туку и меѓународната експертска јавност, реагираше“, коментира Давидовиќ.

Протекувањето на материјалите од истрагите не е новина во правосудниот систем. Додека беше ВМРО-ДПМНЕ на власт протече снимка обезбедена со посебни истражни мерки, на која се гледаше и слушаше разговорот меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и Зоран Заев, која потоа беше искористена како доказ против Заев. Со промената на власта, протекувањето на доказите не престана. Се објавуваа разговори кои требаше да ги има само Специјалното јавно обвинителство, дел од доказите за „Рекет“ беа објавени во италијански весник, а потоа следуваше и протекувањето на исказите.

Фросина Факова-Серафиновиќ