Инспекторите не утврдиле конфликт на интереси во Агенцијата за филм


Инспекцискиот надзор на Министерството за култура што постапуваше по пријавите од страна на Милчо Манчевски, за наводен конфликт на интереси во Агенцијата за филм, како и нејзиниот директор Горјан Тозија, констатираше дека се неосновани. Државниот Управен инспекторат ќе даде предлог Антикорупциска да ја стопира истрагата.

“Врз основа на утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор, не е констатирано дека од страна на пријавените лица Бранко Петровски (во својство на член на Филмскиот совет и финансиски советник), и Ана Василевска (во својство на член на Филмскиот совет и рецензент), е сторена повреда на одредбата од членот 54 од Законот за филмската дејност, односно не е утврдено нивно учество на конкурсите на Агенцијата за филм со свои проекти. Во меѓувреме согласно со член 22 став (2) од Законот за филмската дејност, на 10.7.2020 година од страна на в.д. директорот на Агенцијата за филм се именувани нови членови на Филмскиот совет, на место на горенаведените лица. Оттука, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор инспекторот ја запира постапката во согласност со член 83 став (5) од Законот за инспекциски надзор, а примерок од записникот се доставува на увид и надлежност на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Финансискиот советник и членот на Филмски совет, Бранко Петровски, како и рецензентот и членот на Филмскиот совет Ана Василевска за кои претходно е утврдено дека за нивната работа и обврска кон Агенцијата за филм не постојат конфликт на интереси, истите доброволно отстапија од Филмскиот совет со цел конкурсот да биде завршен без најмал сомнеж кон неговата исправност како што и тој беше реализиран.

Со ова утврдување на инспекцискиот надзор се докажува исправноста на работата на Агенцијата за филм, како и за работата на нејзиниот директор Горјан Тозија, а од друга страна се става под сомнеж целиот обид од страна на институциите за дискредитирање на неговата работа по барањето од страна на Милчо Манчевски до Министерството за Култура и ДКСК.

Инспекторите меѓу другото ги отфрлаат сите останати точки по пријавата на Милчо Манчевски, а се однесуваат на ангажманите на новинарката и филмската критичарка Ана Василевска“, стои во реакцијата на Агенцијата за филм.

Агенцијата за филм секако ќе преземе сè што е во домен на правото и ќе поднесе кривични пријави до медиумите кои пишуваа за конфликт на нтереси.

-Истите случаи и наслови се веќе пријавени во Советот за етика во медиумите, а предлагаме ЗНМ да ја преиспита веродостојноста на насловите во кои ја клеветат Агенцијата за филм, директорот Горјан Тозија, како и членовите на Филмскиот совет, финансискиот советник и рецензент за кои во континуитет пишуваат непроверени информации без консултации од другата страна, порачуваат од Агенцијата за филм.