Инспекторите нашле и производи со поминат рок во промет


Затворени уште 60 кафемати, нехигиенски одржувани објекти, производи со поминат рок, непочитување на мерките на Владата, констатирале инспекторите во периодот од 9 до 13 април.

-За период од 9 до 13 април извршени се 1.319 надзори. Од нив 514 од пазарен инспекторат и еден дел се однесуваат на работењето на угостителските објекти. Затворени се 5 објекти сите во Скопје, – рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска на денешната прес-конференција.

Во овој период пазарните инспектори ги контролираа кафематите и забранети за употреба се 60 кафемати, а останатиот дел од надзорите се однесуваат на контрола на замрзнатите цени на одредените производи. Поголемиот дел од трговците ги почитуваат одлуките, а таму каде има зголемување е наложено враќање на цените од 11 март.

Од АХВ се спроведени 162 надзори. Изречени се 2 мерки за неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и 19 решенија за констатација лоша општа хигиенска состојба. Изречена е глоба за пуштање во промет на производ со поминат рок.

Прочитајте и… Кризниот штаб на Куманово со предлог до Владата за 14 дневен карантин и воведување кризна состојба

Од државниот инспекторат за труд извршени се 446 контроли и донесени се 7 решенија и 9 укажувања за работодавачите кои не ги почитувале мерките на владата. Дополнително е констатира дека поголемиот дел на работодавачите ги почитуваат мерките за заштита на вработените.

Државниот инспекторат за транспорт извршил 85 надзори. Меѓуопштинскиот превоз е намален за 95 отсто, а во однос на меѓународниот линиски превоз констатирано е дека е целосно во прекин.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши 77 надзори и издаде дополнителни 179 дозволи на транспортери за непречено спроведување на транспортот.

Од Агенцијата за лекови се извршени 35 контроли и е констатирано дека нема специфични отстапувања, рече Филиповска-Грашкоска.