Инспекторите добија поголеми овластувања околу Ковид 19


На вчерашната владина седница ги усвоивме измените на Законот за заштита на население од заразни болести, кои беа на барање на самиот Инспекциски совет и на сите останати служби. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите. Досега само ДЗСИ имаше овластување да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави или имаа право да поднесуваат кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот закон.

Ова денеска на заедничката прес-конференција го соопшти заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска – Грашкоска.

-Со новите законски измени вакво овластување за изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат покрај ДЗСИ и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и на локално ниво. Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи за кои се надлежни да контролираат дека се применуваат ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејност од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките, рече Николовски.

Дополнително, според новите измени висината на глобите ќе варира од големината на правниот субјект. -На овој начин очекуваме дека ќе се обезбеди ефикасност на санкцијата, а од друга страна ќе постои правичност, односно ќе им се даде можност на оние правни лица кои ги почитуваат протоколите и кои прават се да продолжат да си ја вршат својата работа, а оние правни лица кои нема да ги почитуваат протоколите да бидат соодветно и навремено санкционирани без разлика кои се, каде се, Законот мора да се почитува, потенцира Николовски.

Наш врвен приоритет, како што рече, е заштита на јавното здравје и затоа нема толеранција за прекршителите на здравствените Ковид-протоколи. – Принципите и редот мораме да ги почитуваме сите. Битката мора да ја водиме сите заедно, без исклучок, рече Николовски.

Претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска – Грашкоска информира дека откако вчера Владата ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, предлог измените ќе бидат доставени до Собранието. Додаде дека очекуваат во најскоро време тие да бидат изгласани и да стапат на сила. И веднаш по нивното  донесување, инспекторите ќе имаат можност да изрекуваат забрана за работа и парични казни, односно глоби  за сите субјекти кои не ги почитуваат протоколите за заштита од коронавирус. 

Појасни дека согласно важечкиот закон за заштита на населението од заразни болести  за непочитување на протоколите досега само ДСЗИ  имаше овластувања да изрекува мерки, а останатите инспекциски служби можеа да поднесат кривична пријава за евентуално непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа  и изрекување прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот  инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, но и сите инспекциски служби на централно и локално ниво. Секоја од овие инспекциски служби ќе врши надзор во сопственијот делокруг на работење така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти, без разлика дали станува збор за угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично.  

Според неа, ќе се зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, а ќе се намали шансата за ширење на коронавирусот.  

Во однос на висината на глобите, таа рече дека со измените е предвидено за микропретпријатие кое прекршило некој протокол да се изрече глоба од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност. За мало претпријатие е предвидена глоба од 5.500 до 6.000 евра. За средно претпријатие од 17.500 до 18.000 евра, а за големо претпријатие глоба во износ од 25 илјади до 30 илјади евра во денарска противвредност.  Предвидени се соодветни глоби и за одговорното лице на правното лице, кои се во различна висина.  

Истакна дека донесените протоколи се важни за заштита на здравјето на граѓаните и затоа апелираше до сите граѓани и правни субјекти да ги поочитуваат мерките за заштита од коронавирус.