Инспектори во проверка пред концертот на Тони Цетински во „Интермецо“

Инспектори од Државниот пазарен инспекторат го посетија кафе барот „Интермецо“ каде за вечерва е најавен концерт на хрватската музичка ѕвезда Тони Цетински. Засилената теренска обиколка на инспекторите доаѓа по двата концерта во петокот и синоќа на српскиот пејач Владо Георгиев во „Мош“ што наидоа на лавина критика во јавноста.

– За здравјето на гостите не можам да гарантирам, но можам да гарантирам дека во објектот се почитуваат пропишаните здравствени протоколи, вели менаџерот на „Интермецо“, Константин Влахо, поранешен фудбалски судија и екс-тренер на Работнички.

Владата на вечерашната седница ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири.