Инспектори и полицајци ќе ловат загадувачи


Фото: Б. Грданоски

Тимови составени од претставници на државните инспекторати заедно со општинските инспектори, придружувани од еден полициски службеник од вчера секојдневно и заеднички ќе патролираат насекаде низ земјава со цел да се подобрат состојбите во областа на загадувањето на амбиенталниот воздух и животната средина и да се спречи загадувањето.

Тоа, како интервентна краткорочна мерка, е одлучено да се спроведе на координативниот состанок во Владата на вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и министрите за земјоделство шумарство и водостопанство и за животна средина и просторно планирање, Трајан Димковски и Насер Нуредини, со претставници на Инспекцискиот совет, директорите на инспекторатите и општинските инспектори.

– Проблемот на загадување не е нешто што може од денес за утре да се реши и бара долгорочни мерки и решенија, но во од може да се спречуваат некои работи, а токму тоа треба да го прават инспекторатите. Се договоривме и им дадовме задача на сите централни инспекторати да постапат во рамките на своите надлежности и да ги исконтролираат сите субјекти кои можат да бидат потенцијални загадувачи и тоа заедно да го координираат со општинските инспекторати, да формираат заеднички тимови и во секој од нив да има полициски службеник кој ќе работи со нив на терен. Тоа да го прават секојдневно и континуирано во сите градови во државата – изјави Спасовски по состанокот и додаде ќе се даваат секојдневни извештаи за мерките што биле преземени.

Институциите, додаде, добија задача да направат планови каде треба да се извршат контролите и да постапуваат заеднички, а полицискиот службеник ќе им помага за да можат да ги легитимираат луѓето и на тој начин да се проверат сите А и Б-интегрирани дозволи на субјектите кои работат за да се види дали ги исполнуваат стандардите.

Низ дебатата, како што кажа, произлегле краткорочни решенија, но и предлози за измени на законски решенија и правилници за заштита и подигање на јавната свест за животната средина.

– Во текот на денешниот ден ќе се организираат сите структури и паралелно ќе работат со останатите институции за да се намали загадувањето. За оние што ќе загадуваат ќе има казни и кривични пријави како што е предвидено во законските решенија. Се сретнавме и со јавниот обвинител за да има ефекти од процесирањето на кривичните пријави бидејќи неказнивоста е клучниот проблем. Ако има неказнивост кон луѓето и институциите, тогаш настануваат и сериозни проблеми – рече Спасовски.

Тој апелираше до граѓаните да не ја загадуваат животната средина зашто, како што кажа, ќе има силна и жестока реакција од институциите со цел да се спречи актуелниот тренд на палење на шумите и депонирање на отпад на недозволени места. На локалните самоуправи им препорача да посветат внимание на палењето на дивите депонии.

– Сите заедно треба да придонесеме да ја ставиме под контрола состојбата со загадувањето. Оваа влада првпат по многу години направи мерки кои ќе значат решавање на овој проблем, но мора да почнат да даваат резултати – рече Спасовски.

Како клучна мерка за решавање на проблемот ја истакна гасификацијата и обврската сите институции да се префрлат на поеколошко греење со енергенси кои не ја загадуваат животната средина, а ја напомена и мерката за субвенционирање на инвертер-клими во општините каде загадувањето е најголемо, како и субвенциите за приклучоците за гас во Куманово.

Прашан дали министрите ќе се откажат од службените коли за да се намали загадувањето и ќе се возат во јавниот превоз, како што бараат невладините организации, Спасовски рече дека е подготвен сите министри да одат со автобус или пеш на работа ако утре би бил чист воздухот во Скопје и Македонија. Тоа, потенцира, би го направил само граѓаните да имаат чист воздух.

Министерот Димковски во одговор на прашањето дали има злоупотреба на екстра лесното масло за домаќинство за земјоделската механизација, рече дека во насока на спречување на евентуалните злоупотреби годинава се воведе субвенционирањето од 30 проценти за „зелена нафта“ за што се одвоени близу три милиони евра и се поделени на 55.000 зелени картички за земјоделците.

– Со тоа се овозможува земјоделците да користат поевтина нафта, а со тоа се избегнуваат и сите можни злоупотреби – рече Димковски.