Инспекциски надзор во „Систина“ за тестовите


Министерството за здравство, преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера влегле и извршиле инспекциски надзор и контрола во Аџибадем Систина, со цел да утврдат дали тестирањата кои ги врши оваа болница се согласно законските прописи и соодветни стандарди, односно дали се акредитирани и верификувани од Институтот за јавно здравје – тврдат извори на Република.

Се работи за брзи скрининг тестови кои за кусо време даваат резултат, кој имплицира дека човекот кој е позитивен имал допир со ковид 19. Притоа тој може да има симптоми, но и не мора, односно може да не покажува знаци на болеста, но вирусот да го пренесе на друг човек. За да се потврдат резултатите  кои се добиваат во Аџибадем Систина, во  другите лаборатории се потребни 4- 5 дена.

При инспекцијата на Аџибадем Систина, но и на другите здравствени установи кои вршат тестирања, укажано им е дека податоците и резултатите од тестирањата не смеат да се објавуваат во јавност, туку истите да бидат проследени до Институтот за јавно за здравје.

Во јавноста деновиве се отвори темата какви тестови за коронавирусот користи клиниката „Систина“, дали се валидни и дали тестирањето со негативен резултат беше фатално за 45 годишен пациент од Куманово кој почина од вирусот, пишува порталот „Локално“.

И  холандското министерство за здравство извести дека дека ваквите тестови, кои практично ги користи „Систина“ не можат да утврдат дали некој го носи вирусот во време на тестирањето и да утврдат дали е заразен во тоа време. Корисниците можат да станат непотребно загрижени или лажно сигурни, исто како што му се случило на пациентот од Куманово кој, откако добил информација дека е негативен на тестот, платил со живот.

Вестите кои се пласираа деновиве од портали блиски до опозицијата дека бројот на заразени расте, всушност, според порталот, се целосно лажни. Самите тестови воопшто не потврдуваат дали пациентот има вирус туку антитела. За разлика од нив, далеку поверодостојни се молекуларните тестови кои всушност дијагностицираат вирус, тврди порталот и наведува дека според  тврдењата на дел од граѓаните кои се тестирани таму, по испратените резултати, персонал од „Систина“ ги контактирал на телефон да им посочи дека треба да си ги проверат резултатите со друг тест на Клиниката за инфективни болести.Ги известиле дека „не мора со сигурност да значи дека се заболени“.