Иновативните кровни градини „Семпервел“ предизвикаа голем интерес на „Анталија експо“


 

Македонското иновативно решение за кровни градини „Семпервел“ се претстави на меѓународниот саем „Анталија експо 2022“ наменет за иновативни земјоделски технологии и опрема, хортикултурни решенија, системи за наводнување, одгледување семиња и садници, како и за исхрана и заштита на растенијата, а кој се одржува во период од 23-26 ноември.

„Семпервел“ е модул на кровни градини решение на македонската компанија ФОЈА, која е специјализирана за хортикултурно уредување, производство и продажба на декоративни садници. Со него се крати времето за изведба и се намалуваат трошоците за реализација на екстензивните кровни градини. Станува збор за квалитетно, трајно и одржливо решение кои ги прави кровните градини многу подостапни за сите. Може да се изведува на куќи, згради, компаниски објекти и други рамни кровни површини, се вели во соопштението до медиумите.

„Воспоставивме контакти и разговаравме за можности за пласман на овој иновативен производ првично на турскиот пазар, но и пошироко. ‘Семпервел’ како решение има огромен потенцијал, и целосно придонесува кон зачувување на животната средина. Придобивките од ‘Семпервел’ кровните градини се бројни, но првенствено тие обезбедуваат: заштеда на енергија, го прочистуваат воздухот и ја намалуваат бучавата! Неопходни се во градските средини, посебно таму каде има огромна концентрација на бетон, недостиг на зелени површини и огромна концентрација на луѓе и автомобили. ‘Анталија експо 2022’ е еден од најголемите и најзначајните саеми во светот каде се претставуваат земјоделски и хортикултурни иновации од целиот свет, што за нас е голем предизвик, но истовремено и можност за потврда на иновативноста и функционалноста на нашето решение“, изјави Ѓорѓи Самарџиев од ФОЈА.

Инаку, истражувачите проценуваат дека кровна градина со површина од 100м2 може да отстрани околу 40 килограми PM честички од воздухот за една година, а исто така да произведува кислород и да го отстрани јаглерод диоксидот (CO2) од атмосферата. Четириесет килограми PM се приближно колку што 15 патнички возила ќе испуштат за една година типично возење. Покрај тоа, некои растенија што се користат, при подигање на кровни градини , како што се Sedum album и Sedum spurium, се метални хиперакумулатори, со невообичаено високо ниво на внес и складирање на елементарни метали.