Иновации, нови мерки и 200 милиони евра поддршка за модерно, одржливо и конкурентно земјоделство, најавува Владата

Фото: Б. Грданоски

Иновации, модернизација, зголемување на производството и конкурентност. Ова се клучните сегменти на кои ќе биде фокусирана владината земјоделска политика во следните четири години.

Како што наведува Владата во Програмата за работа 2020 – 2024, целта е создавање современо, одржливо земјоделство кое ќе обезбеди доволно и квалитетна храна за домашните потреби, но и производство со додадена вредност кое ќе се пласира и ќе биде препознатлво на странските пазари.

Годишната директна поддршка е проектирана на 200 милиони евра, а тежиштето на политиките ќе биде насочено кон семејните, комерцијални фарми, како и кон нивното специјализирање за високо квалитетно земјоделско, органско и традиционално производство.

Владата во документот потенцира дека радикално ќе се зголемат вложувањата во човечкиот капитал, дека ќе се инвестира во рурална инфраструктура и во т.н. паметни села, како и дека ќе биде формиран интервентен фонд во делот на директните плаќања.

Ќе се поттикнува и договорното производство, а ќе се зголеми и субвенционирањето на ,,зелената нафта“ со тенденција да достигне 100 проценти до крајот на 2024 година.

Предвидени се и сет мерки за маркетинг на македонските земјоделски производи со цел обезбедување сигурен пласман, фер и коректни цени.

-Земјоделството и производството на храна се наша шанса за успех. Кoвид-пандемијата уште повеќе ја нагласи потребата населението да биде обезбедено со здрава, безбедна, квалитетна и разновидна храна од македонско производство. Преку обезбедување доволни количини квалитетна и безбедна храна, создавање производи со додадена вредност и пласман на странските пазари, се овозможува и подобар животен стандард на земјоделецот, а со тоа и во целото општество, стои во Програмата.

Владата најавува и навремена исплата на директната поддршка: 30 отсто од висината на основните мерки 30 дена по аплицирањето и 70 проценти според календарот на исплата. Календарот ќе се регулира со закон, за земјоделците точно да знаат кога можат да ги очекуваат средствата.

Планирано е и зголемување на поддршката за директни плаќања за грла говеда, овци, кози, маторици, заклани гоеници, бројлери, несилки, еднодневни пилиња и презимени пчелни семејства за 10 отсто, зголемување на поддршката за произведено и предадено екстра квалитетно кравјо млеко за два денара по литар, инвестирање во воспоставување интегриран сеопфатен систем за контрола и мониторинг на квалитетот на сурово млеко, враќање на старите водостопански заедници, продолжување со процесот на окрупнување на земјиштето, поддршка за одржување долгогодишни насади, поврат на персонален данок на доход за земјоделци, намалување на данокот на додадена вредност за ветеринарните услуги од 18 на пет отсто и поттикнување на примена на агроеколошки мерки.

-Активностите за развојот на земјоделството ќе бидат насочени кон негово оспособување за конкурентски односи, а тоа се постигнува само со производство на висококвалитетни и безбедни производи, произведени со конкурентна цена. Годишната финансиската поддршка од 200 милиони евра е за аграрната политика насочена кон создавање услови на одржливост на земјоделските стопанства кои ќе се залагаат за зголемување на производството, квалитет на производите, заштита на животната средина, безбедност на храната, здравствена заштита и благосостојба на животните, како и кон модерно и конкурентно земјоделство и производи со додадена вредност, стои во документот.

Во однос на човечкиот капитал, проектирани се: поддршка за млади земјоделци,  субвенционирање плата (по 3000 денари) на нововработен работник во земјоделско стопанство помлад од 25 години и поддршка на жените земјоделки.

-Ќе почнеме со реализација на мерката за подмладување во земјоделскиот сектор преку создавање услови за мотивација на младите земјоделци до 40 години да останат во земјоделското производство (грантови до 20.000 евра). За подобрување на старосната структура, запирање на процесот на стареење и обновување на генерациите, ќе нудиме помош за младите фармери преку доделување земјоделско земјиште за млади фармери носители на земјоделски стопанства, доделување финансиски средства за започнување земјоделска дејност, зголемување на износот на основните субвенции. Планираме и  поддршката за жените земјоделки двојно да се зголемиме до крајот на 2024 година, најавува Владата.

Од инвестициите во земјоделското производство се предвидува: поддршка за набавка на современа механизација, опрема и амбалажа, гарантен фонд за кредитирање и финансирање проекти за земјоделство и рурален развој со обезбедување советодавни услуги, поддршка за изградба на ладилници, преработувачки капацитети и откупнодистрибутивни центри, поддршка за подигање долгогодишни насади, за набавка на висококвалитетен педигриран генетски материјал и за млечни крави под контрола на производните особини, издавање пасишта под долгогодишен закуп, вложувања во инфраструктура на пасиштата, јавно-приватно партнерство, во брани и системи за водоснабдување, во пошумување и нова шумска механизација.

Ќе се обезбедат и бесплатни едукации на фармерите за примена на современи технологии на производство, стипендирање на децата на регистрираните земјоделци за едукација во земјоделските струки, бесплатна обука на фармерите за поефикасно искористување на средствата од ИПАРД и националните програми за поддршка, како и бесплатни ветеринарни здравствени посети, едукација и прегледи на животните на одгледувалишта.

-Постигнување одржливо, профитабилно, конкурентно, модерно и иновативно земјоделско производство може пред сè да се постигне со правилна политика за управување со земјата. За таа цел ќе спроведеме: продажба на државното земјоделско земјиште за поголемо производство на храна, ограничување на големината на земјоделските површини при давање под закуп и доделување државно земјоделско земјиште на сточари. Земјоделските површини до три хектари ќе ги управуваат општините, а ќе се поедностави и процедурата за легализација на сточарските фарми,  најавува Владата.

За побрз развој на руралните средини, за ,,паметни села“ и овозможување младите да останат да живеат и работат во нив, се планира распределба на националниот буџет за директни плаќања во земјоделство и рурален развој во однос 65:35, поддршка од 10.000 евра за развој на микро и мало претпријатие во руралните средини, како и инвестиции во рурална инфраструктура.

Во фокус на аграрните политики ќе бидат и инвестициите во сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување, инвестициите во квалитетно производство на семе и саден материјал, инвестициите за справување со климатските промени, воведување систем за мониторинг и прогноза на здравје на растенијата, како и примена на електронски сиситем за следење на дрвната маса.

-Политиките во земјоделскиот сектор ќе бидат прилагодени согласно заедничката аграрна политика на ЕУ, ќе бидат насочени кон оспособување на секторот да функционира во услови на единствен европски пазар, незанемарувајќи ги притоа и потребите и трендот на домашниот пазар и пазарите во глобални светски рамки. Државата ќе го поттикнува окрупнувањето на ситните имоти, ќе доделува државно земјиште на вистинските производители во мера во која најрационално ќе може да го искористат, ќе ги поддржи инвестициите во модернизацијата на земјоделското и иновативното производство, пишува во документот.

Програмата 2020 – 2024 во сегментот земјоделство најавува и поттикнување на договорното производство, утврдување производна цена на поединечни земјоделски производи, поддршка за стекнување Global GAP сертифика и настап на меѓународни саеми и домашни манифестации, намалување на трошоците и времето за пуштање во промет храна со здравствени тврдења, храна за посебни намени и додатоците во храната, поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук од домашно производство, како и стимулирање на производство на нови земјоделски култури.