Инклузивната танцова претстава „Musical“ испрати порака за љубов, поддршка и сила (фото)
По повод 3 Декември, Светскиот ден на лицата со попреченост, инклузивното танцово студио „Dancers United“ ја одржа танцовата претстава „Musical“.
На сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) танцуваа, пееја и свиреа лица на возраст од 4 до 44 години. Претставата, која беше испреплетена со инклузивни точки од хип-хоп, балет и латино танци, ја истакна убавината на различноста и заедништвото.
„Преку танц, музика и емоции, сцените ја раскажаа приказната за едно дете кое ги истражува животните фази – од раѓањето, првите пријателства и љубопитноста за светот, до борбите со прифаќањето, откривањето на страста за танцот и соништата за иднината“, велат од „Dancers United“.
Преку движењата и енергијата, претставата испрати порака за љубовта, поддршката и силата која ја наоѓаме во заедништвото.