Русковска суспендирана, дисциплинска постапка за Трајчева и Јосифовска

Постапката е иницирана поради случајот со претресот во Управата за финансиска полиција


Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. Неофицијално станува збор за обвинителите Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. 

– Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Во исто време, додаваат од Обвинителството, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата на еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против него.

Постапката е иницирана поради случајот со претресот во Управата за финансиска полиција, настан кој се претвори во судско-обвинителска сапуница  што се водеше на јавна сцена во Македонија и го урна угледот на оваа професија. Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми претходно поднесе кривична пријава против трите обвинителки, откако републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески јавно порача дека претресот во Управата за финансиска полиција бил незаконски. 

Практично Русковска е суспендирана од работа и таа во рок од осум дена од приемот на решението за дисциплинска повреда може да се жали до Советот на јавните обвинители. Доколку Советот не ѝ ја усвои жалбата, ќе биде разрешена од функцијата.

Со добивањето на решението за суспензија Русковска со придружба била изнесена од канцеларијата, а потоа и од зградата. Ова значи дека таа во истиот момент добила забрана за пристап до сите информации, документи, предмети.

Мандатот на Русковска истекува во ноември.