Иницијативата за вонреден конгрес е помош за Заев, тврди Милошоски


Раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли иницијативата за вонреден конгрес на група членови на партијата затоа што не била статутарна. Според пратеникот Антонио Милошоски оваа иницијативата била на група на луѓе кои „подолго време имаат одредена дистанца од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“.

Тој денеска на прес-конференција изјави дека „оваа иницијатива не е статутарна, ниту е правна. Ова е политичка иницијатива на група на луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието. Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, три илјади жртви, 55 илјади нови невработени и многу затворени фирми оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и Заев кој што во моментот во самото Собрание е на стаклени нозе со своето мнозинство да може да ја дефокусира јавноста да се занимава со споредни теми во опозицијата“.

Понатаму, тој тврдеше дека „ваквата иницијатива правно гледано е координирана со Заев на кого што му е очајно потребен дефокус од лошите политики чија што цена ја плаќаат граѓаните со овој економски и здравствен колапс. Би било добро овие иницијатори заедно со Заев, којшто најави исто така конгрес на СДСМ, да одржат сплотени со Заев еден заеднички конгрес. Ако веќе одработуваат за Заев нека биде тоа на еден економичен начин на исто место и со иста цел“.

Тој вели дека во врвот на партијата не биле изненадени од ваквиот чекор, затоа што бил најавуван долго време.

Претходно, Инцијативниот одбор за свикување вонреден конгрес соопшти дека тој конгрес ќе се одржи на 28 март во Скопје. Оттаму рекоа дека успеале да соберат поддршка и потписи од „големо мнозинство делегати“ од конгресот кој го избра Христијан Мицкоски.