Иницијативата за една изборна единица ќе се преточи во закон, има поддршка од СДСМ


Иницијативата за промена на изборниот модел со една изборна единица наместо со сегашните шест, зад која застанаа 15 пратеници, во најскоро време ќе поднесе закон за измени на Изборното законодавство во кој ќе се имплементира нивното барање за кое имаат поддршка и од владејачката СДСМ. Предлагаат отворените листи што ги иницираат да се воведат од следните локални избори, со еднаква родова застапеност, односно по 50 проценти мажи и жени.

-Иницијативата за една изборна единица останува на барањето за вклучување во преговорите за изборниот  модел и законик воопшто. Едногласни сме за поддршката на една изборна единица како модел и согласни сме дека нема да гласаме за Изборниот законик без внесување на овој модел,  изјави Лилјана Поповска од ДОМ, која е меѓу 15-те пратеници што стојат зад иницијативата, која денеска организираше тркалезна маса за промени во изборниот модел.

На тркалезната маса учествуваа иницијаторите, претставници на поголемиот дел од малите политички партии и независни пратеници, претставници на канцелариите на ОБСЕ – ОДИХР, Европската комисија, а беа поканети и лидерите на најголемите партии вкулучени во промените на изборното законодавство, од кои присуствуваше само  премиерот Зоран Заев.

Тој ги охрабри иницијаторите да го отворат  Изборното законодавство најавувајќи поддршка и од неговата матична партија  која, како што вели, не е едногласна за ова прашање, но за мнозинството тоа е прифатливо. Прифатлив е изборен модел со една изборна единица, но не се подготвени и за воведување отворени листи кои како и иницијаторите предлага да бидат можност на локалните избори во 2021 година, со застапеност од по 50 проценти на жените и мажите на листите.

-Една изборна единица е посериозен исчекор отколку самите отворени листи, а двете заедно тешко може да се спроведат односно да донесат нова неправда. Тоа значи листа од 120 кандидати за пратеници во која граѓаните ќе треба да го пронајдат кандидатот.тоа буквално е чаршав во којшто луѓето теба да го најдат нивниот кандидат. Ако се направи наеднаш е проблематично. Вториот дел на проблемот е  тоа што веројатно акумулацијата на гласови ќе дојде кај кандидатите од поголемите средини. Тогаш Скопје,Струмица, Куманово, Тетово, Битола, ќе имаат над 90 проценти од пратениците, а помалите градови и руралните средини ќе немаат можност да го истакнат својот кандидат. Во прашање е прагматизмот, но убаво е можност отворените листи првпат да бидат на локалните избори во 2021 година, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по тркалезната мса.

Според Заев, со промена на моделот во една изборна единица добива демократијата иако, како што вели, најмногу ќе изгубат највисоко рангираните партии.  Факт е, посочи премиерот на дебатата, дека со сегашниот изборен модел помалите партии губат десетина пратенички места и тие одат на контото претежно на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ,а мал дел на ДУИ.

– Имаме многу политички партии и тоа само по себе претставува причина и затоа мислам дека е соодветно време за разбивање на бипартизмот на македонскиот и на албанскиот политички блок. Јас сум поддржувач на концептот едно општество за сите, времето е зрело и навистина треба да направиме одреден исчекор, рече Заев.

Опцијата за коалициски настап, дополни, секогаш останува и во една изборна единица. Тоа е опција на поголемите и на помалите партии, но сега имате избор – ниту поголемите да велат дека помалите бараат многу или пак тие да велат дека не ми се дава ништо, а имаат гласови. Тоа тешко се мери,но имаме демократска опција и секој може да избере пак да се оди заедно или да се оди сам на избори, укажа Заев на тркалезната маса.

Потенцирајќи дека се многу значајни легитимитетот и тежината на избраните пратеници, премиерот оцени дека сегашниот модел е ризик за создавање автократско однесување во државата.

Тој се надева дека  останатите политички партии ќе ја следат определбата на мнозинството во СДСМ за една изборна единица. Во тој  контекст апелираше албанските политички партии да не се откажат од своите традиционални гласачи во велешкиот, струмичкиот и во другите региони, не само од албанското, туку и од македонското гласачко тело.

-Еве убав мегдан СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се измерат, согласно способноста можеме да настапиме самостојно или коалициски зашто на крај одлучуваат централните одбори. Да го направиме чекорот. ДУИ, мојот партнер во Владата покрај останатите, е веројатно свесна дека на изборите ќе има здружување за да го поразат, наведе Заев оценувајќи дека еден изборен модел е добар за ДУИ.

Дел од учесниците на тркалезната маса потенцираа дека еден изборен модел е корисен за демократијата  и за реално отсликување на волјата на сите граѓани за нивни претставници во законодавниот дом, а дел забалежаа дека нема доволно време за измени  на Изборното законодавство и препорачаа промените да важат од  наредните избори.

Според независниот пратеник од Ферих Мухиќ, кој е еден од подносителите на иницијативата, два милиона луѓе многу подобро би можеле да ја изразат својата волја преку еден изборен модел. ДОМ, како што рече претседателката Маја Морачанин, смета дека со еден изборен модел ќе има подобро претставување на граѓаните во Парламентот.  Ќе нема потреба од големи предизборни коалиции, а изборот на пратениците нема да биде воден од најтесното партиско раководство, туку од граѓаните, посочи Морачанин.

-Сегашниот модел треба да се измени, ја гуши демократијата, бидејќи ги  фаворизира големите партии, забележа Дритон Сулејмани од Алтернатива.

ПЕИ, посочи претставникот Фијат Цановски, смета дека со сегашните различни изборни единици тежината на пратениците е несоодветна, а со еден изборен модел и помалите партии би дошле до свој претставник. Тие би поддржале отворени листи како пилот проект на следните локални избори.

Даниела Рангелова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара веднаш да се отвори Изборниот законик и да се одлучува во Собранието, доколку, како што рече, денешмната дебата не есамо фарса.  Граѓаните се изморија од двопартискиот систем, забележа Рангелова, потенцирајќи дека не се согласува со ставот за монзински модел на нејзината матична партија од каде како што рече за жал нема претставник на тркалезната маса.