Иницијативата стигна кај Џафери, но дали е таа доволна за седница на Собранието


Фото: Б. Грданоски

Она што неколку дена се подготвуваше во Собранието денеска и се оствари – иницијатива потпишана од 35 пратеници за свикување на распуштеното Собрание беше поднесена до спикерот Талат Џафери. Меѓу потписниците има пратеници од сите пратенички групи, освен од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Најбројни се пратениците од СДСМ, меѓу потписниците има и членови од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците, НСДП, ЛДП, Беса и Алтернатива.

Заедно со потписите поднесено е образложение зошто се бара свикување на распуштениот парламент – да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба поради кризата со корона вирусот. Но, потписниците одат и чекор понатаму, па велат дека свикувањето на парламентот било потребно и за контрола на уредбите што ги носи Владата.

Доколку Талат Џафери остане на претходниот став оваа иницијатива ќе биде само  обид, затоа што тој нема намера повторно да го свикува Собранието. Неговото образложение е дека кога пратениците еднаш самите гласале за сопствено распуштање не можат повторно да се соберат. Според Деловникот само претседателот на Собранието може да свика седница. (Р.Н.)