„Иницијатива против урбаното дивеење“: Општина Ѓорче Петров не престанува со нетранспарентно носење на урбанистички планови


Фото: Б. Грданоски

Општина Ѓорче Петров не престанува со нетранспарентното и насилничко носење на урбанистички планови, рекоа на денешната прес-конференција претставници од „Иницијативата против урбаното дивеење“.

Сега, наведе Горан Костов од иницијативата, општината подготвува нов детален урбанистички план С3 16 за 10-катници и на урбанистички планови 20-катници спроти Пазарот и покрај кружниот тек, дијагонално од Порта Впае, на зелениот појас на некогашното земјиште на АРМ.

Тој вели дека „јавната анкетата тајно била спроведена од 19 ноември до 2 декември лани  во веќе воиграна шема, далеку од очите на граѓанитe и притоа без да се грижат за партиципацијата на граѓаните во урбанистичкото планирање“. Ниту еден граѓанин, тврди тој, не се изјаснил и нема анкетни листови.

– Зошто Општина Горче Петров и градоначалникот Александар Наумоски планираат нови облакодери спроти пазарот каде што моментално се паркираат граѓаните на државно земјиште? Со овие облакодери нема да има доволно струење на воздухот од Лепенец со тоа дополнително ќе се зголеми аерозагадувањето, рече Костов.

Тој посочи дека не е испланирано ниту ново зеленило, нови градинки и училишта, сообраќаен режим и приклучок на булеварот.

– Деталниот урбанистички план во Хром каде што се вцртаа 100 нови згради, деталниот урбанистички план во Дексион каде што се вцртаа згради со 17 ката и 60 метри висина, како и овој урбанистички план што дозволува централното јадро на општината да биде градежна зона укажува на тоа дека урбаната мафија царува со нашата општина. За таа цел ангажиравме адвокат и наредната недела ќе побараме ревидирање на овие урбанистички планови пред надлежните судови, рече Костов.

Ако не наидат на слух од општината, најави дека ќе одржат предупредувачки протест, штом дозволат условите заради пандемијата.