Иницијатива на УСС на УКИМ за сместување студенти од Украина во студентските домови


Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС на УКИМ) иницира помош за сместување студенти од Украина во студентските домови во земјава и за својот предлог чека одобрение од надлежните институции.

Претседателката на УСС на УКИМ Ева Цветковска за МИА вели дека уште на денот кога изби војната во Украина, стапиле во контакт со студентските домови, за потенцијално сместување на студенти од таа земја.

-Ние сме во контакт со Европската студентска унија која ни е посредник со студентското тело во Украина. Доколку обезбедиме престој за нив во нашите студентски домови, ќе можеме да ја официјализираме комуникацијата со украинските студенти да може да дојдат тука. Имавме зелено светло од некои студентски домови, но ништо не е официјално зашто се чека на одговор од надлежните. За да може да имаме одговор од Украина, треба прво ние ним да им дадеме информации за број на слободни места за да може да дојдат. Но, до тој момент немаме ништо конкретно, изјави Цветковска.

Во очекување на листа на објекти што ќе бидат одредени за прифаќање на бегалци од Украина, УСС на Скопскиот универзитет својата иницијатива за сместување украински студенти ја доставило до студентските домови.

Владата завчера на седница, на предлог на МНР, усвои Информација за прифаќање украински државјани кои се принудени да ја напуштат својата држава и, како што информираше владината прес-служба, „задолжи специфични државни институции во земјава во најскоро можно време да достават информации за расположливите државни сместувачки капацитети, со цел подготвеност за евентуална бегалска криза“.

Покрај солидарноста со оваа иницијатива за сместување украински студенти, УСС на УКИМ деновиве организира и голема акција за собирање крв за потребите на граѓаните во нашата земја.

Цветковска за МИА вели дека првпат организирааат крводарителска акција во студентските домови и на кампусите на факултетите затоа што досега студентите оделе во одредени денови во пунктот за дарување крв во Клинички центар. Одѕивот на студентите во изминатите денови бил голем.

– Откако постоиме како Универзитетско студентско собрание, никогаш досега немало организирано вакви крводарителски акции, на секој кампус одделно и во секој студентски дом. Има голем одѕив. Веќе се спроведе на кампусите на Медицински, на техничките и на општествените факултети, на ПМФ и Земјоделски факултет. Акциите траеја по два дена и секој ден имаше по околу 30 луѓе кои донираа. Триесетина имаше и во домот „Пелагонија“, вчера во „Гоце Делчев“ имаше околу 50. Останува уште акцијата во студентскиот дом „Кузман“, на 9 март од 12 до 16 часот, рече Цветковска.