Инфраструктурата ќе биде еден од врвните приоритети, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Приоритет во инфраструктурата е изградба на автопати, експресни патишта, железничко поврзување со Бугарија и набавка на 5 нови патнички возови, соопшти денес ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека патната и железничката инфраструктура е суштинска не само за подобра комуникација на граѓаните, туку и за бизнис секторот. Оттука ВМРО-ДПМНЕ се обврзува дека следниот мандат токму инфраструктурата ќе биде еден од врвните приоритети.

Клучни проекти во овој сектор ќе бидат изградбата на автопатот Кичево-Охрид, проширување на патот Гостивар-Тетово со што би се добил современ автопат, Изградба на автопат Прилеп-Битола и експресен пат до Меџитлија, довршување на експресните патишта Градско-Прилеп, експресниот пат Штип-Кочани и Штип-Радовиш и др.

Дополнително ќе се изработи проектните документации за автопатот Гостивар-Кичево, експресниот пат Струмица-Смоквица и автопат од Требеништа до Струга и др.

Во делот на железничката инфраструктура се предвидува отпочнување на изградбата на пругата Бељаковце-Крива Паланка- Деве Баир,но и набавка на 5 нови патнички возови и генерален ремонт и модернизација на постојните локомотиви, се вели во соопштението до медиумите.