Инфлацијата во САД се зголеми помалку од очекуваното


Американците сега повеќе трошат откако го поминаа поголемиот дел од 2020 година дома гледајќи Нетфликс

 

Потрошувачките цени во САД едвај пораснаа во ноември, благодарение на падот на цените на бензинот и половните автомобили, што резултираше со најмал годишен пораст на инфлацијата во речиси една година.

Ова може да ѝ даде причина на Федералните резерви да започне со намалување на опсегот на зголемување на референтната каматна стапка на седницата во среда, оценува Ројтерс.

Инфлацијата на потрошувачите во САД порасна за 0,1 отсто минатиот месец, откако се зголеми за 0,4 отсто во октомври, соопшти денеска Министерството за труд.

Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваа месечен раст од 0,3 отсто.

На годишна основа, потрошувачките цени се зголемија за 7,1 отсто, што е најбавна стапка од декември 2021 година, откако се зголемија за 7,7 отсто во октомври. Највисоката годишна стапка на инфлација во Америка од 9,1 отсто е забележана во јуни, што е нејзин најголем пораст од ноември 1981 година.

Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, порасна за 0,2 отсто на месецот, откако се зголеми за 0,3 отсто во октомври.

Во 12-те месеци до ноември, растот на базичната инфлација забави на 6,0 отсто од октомвриските 6,3 отсто.

И покрај ублажувањето на инфлацијата, потпомогнато од падот на цените на половните моторни возила и продажбата од компаниите за привлекување финансиски загрозени купувачи и расчистувањето на залихите поради намалената побарувачка и подобрената ситуација во синџирот на снабдување, високите кирии ја одржуваат вкупната основна инфлација во САД висока, според Ројтерс.