Инфлацијата во еврозоната со нов рекорд – во јуни се искачи на 8,6 отсто, во Естонија дури 22 отсто


Инфлацијата во еврозоната достигна нов рекорд во јуни, непосредно пред првото зголемување на каматните стапки на Европската централна банка (ЕЦБ) во последните 11 години.
Стапката на инфлација во зоната на единствената валута минатиот месец изнесуваше 8,6 отсто на годишно ниво, наспроти 8,1 отсто во мај, покажува денешната прелиминарна проценка на европската статистичка служба Евростат.

Ова е над прогнозите на економистите, кои во истражувањето на Ројтерс предвидоа јунско ниво на инфлација од 8,4 отсто.

Според прелиминарните податоци од табелата на Евростат, Естонија е на врвот на листата на рекордери по раст на инфлацијата со стапка од дури 22 отсто, а по неа следат Литванија со 20,5 отсто и Летонија со 19 отсто. Назад се Малта со проценета стапка на раст на потрошувачките цени во јуни од 6,1 отсто на годишно ниво, Франција со 6,5 и Финска со 8,1 отсто, пренесува Танјуг.

Германија неделава ги изненади и експертите и пошироката јавност, известувајќи дека во јуни забележала пад на годишната инфлација за 0,5 процентни поени на 8,2 отсто во однос на мај.

Експертите велат дека ова е резултат на новите владини субвенции за ублажување на влијанието на поскапувањето на енергенсите врз домаќинствата, но тоа не значи дека растот на инфлацијата во таа земја завршил.

Според евиденцијата на Евростат, стапката на инфлација на годишно ниво во Холандија исто така се намали за 0,3 процентни поени во однос на претходниот месец на 9,9 проценти, што е сè уште многу високо ниво.

ЕЦБ, која вети дека ќе се справи со растот на цените, треба да се состане на крајот на јули и да донесе одлука за заострување на условите за задолжување, односно за зголемување на каматните стапки. Централната банка на еврозоната најави уште едно зголемување на каматните стапки за септември, што значи дека нејзините клучни каматни стапки би можеле да се вратат на позитивна територија оваа година. ЕЦБ има негативни стапки од 2014 година.