Инфлацијата во еврозоната скокна на рекордни 10 проценти


 

Инфлацијата во еврозоната во септември достигна нов рекорд од 10 отсто на годишно ниво од 9,1 отсто во август, објави европската статистичка служба Евростат.

Стапката на инфлација ги надмина прогнозите на економистите кои предвидуваа дека ќе изнесува 9,7 отсто, пренесува CNN.

Податоците, исто така, покажаа дека растот на цените се прошири од нестабилните цени на храната и енергијата на речиси сите сегменти на економијата на 19-члениот блок.

Цените на енергијата во септември пораснале за 40,8 отсто на годишно ниво во споредба со 38,6 отсто во август, а потоа следат цените на храната, алкохолот и тутунот со раст од 11,8 отсто од минатомесечното ниво од 10,6 отсто.

Базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, се зголеми на 4,8 отсто на годишно ниво од 4,3 отсто во август.

Денешните показатели ќе го зголемат притисокот врз Европската централна банка поагресивно да ги зголеми каматните стапки на состанокот во октомври и ќе ја зголемат веројатноста за подолга и подлабока рецесија низ еврозоната, наведуваат американските медиуми.

Невработеноста во еврозоната во август достигна 6,6 отсто, што е непроменето во однос на јули. Ова значи дека пазарот на трудот остана отпорен и покрај претстојната рецесија и енергетската криза што го зафати континентот.