Инфлацијата во ЕУ 2,3 проценти, во еврозоната 2,0 отсто


Најниски годишни стапки на инфлација се регистрирани во Грција, Малта и Португалија, а највисоки во Унгарија, Полска и Луксембург

Стапката на инфлација во Европската унија изнесуваше 2,3 проценти на годишно ниво во мај, и 2,0 проценти во еврозоната, објави Европското биро за статистика Евростат.

Инфлацијата од година на година во ЕУ беше 2,0 проценти во април и 1,6 проценти во 19-члениот монетарен блок.

Во мај, најниски годишни стапки на инфлација беа регистрирани во Грција (-1,2 проценти), Малта (0,2 проценти) и Португалија (0,5 проценти), а највисоки во Унгарија (5,3 проценти), Полска (4,6 проценти) и вво Луксембург (4,0 проценти).

Во споредба со април, годишната инфлација падна во четири земји на ЕУ, остана стабилна во една, додека порасна во 22 земји-членки.

Најголемо влијание за растот на меѓугодишната инфлација во еврозоната во мај имаа енергијата (1,19 процентни поени), услугите (0,45 процентни поени), неенергетските индустриски добра (0,19 процентни поени) и храната, алкохолот и тутунот (0,15 процентни поени), според соопштението на Евростат.