Инфлацијата продолжува да се намалува, во јули беше 8,4 отсто

Во јуни на годишно ниво инфлацијата изнесуваше 9,3 отсто, а во мај 11,3 отсто. Сепак, на месечно ниво и натаму има пораст на трошоците на живот - во јули годинава, во споредба со претходниот месец, изнесуваше еден отсто


 

Годишната стапка на инфлација во јули изнесуваше 8,4 отсто соопшти денес Државниот завод за статитистика. Со ова продолжитрендот на намалување на инфлацијата имајќи во предвид дека во јуни на годишно ниво изнесуваше 9,3 отсто, а во мај 11,3 отсто. Сепак, на месечно ниво и натаму има пораст на трошоците на живот (што кај нас се зема како показател за инфлацијата) во јули годинава, во споредба со претходниот месец, изнесуваше еден отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во јули 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 12,6 отсто, лебот и житата за 3,8 отсто, сирењето и урдата за 1,8 отсто, рибата и морските плодови, млекото за 0,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,5 отсто, пивото за 0,3 отсто и месото за 0,2 отсто.

Во јули, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт за 30,9 отсто, електричната енергија за 4,3 отсто, услугите за сместување за 4,2 отсто, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 2,8 отсто, течните горива за домаќинствата за 2,5 отсто, фризерските салони и центрите за разубавување за 2,4 отсто, другите печатени материјали за 2,2 отсто, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства за 1,8 отсто, услугите за одржување и поправките на живеалиштето, малите алатки и останатите додатоци за 0,9 отсто, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, големите алатки и опремата, стоматолошките услуги за 0,7 отсто, домашни миленици и сродни производи, рестораните, кафулињата и слично за 0,6 отсто, туристичките аранжмани, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,4 отсто, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 0,3 отсто, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,2 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јули 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4,8 отсто, маслото и маснотиите за 3,6 отсто, жестоките пијалаци за 0,9 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место, виното за 0,2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 7,1 отсто, медиумите за снимање за 5,2 отсто, парамедицинските услуги за 4,7 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 3,9 отсто, високото образование за 2,7 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,3 отсто, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,9 отсто, игрите, играчките и хобијата за 0,8 отсто, електричните апарати за лична хигиена за 0,7 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 0,6 отсто, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,5 отсто, другата облека и додатоците за облека, производите за домаќинството-нетрајни за 0,4 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 0,3 отсто, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,2 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во јули 2023 година, во споредба со претходниот месец, изнесува 101,6, а во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година, бележи зголемување од 4,9 отсто.

 
Битиќи на Фејсбук се пофали со падот на инфлацијата

 

Падот на стапката на инфлација продолжува и во месец јули 2023 кога е измерен раст на трошоците за живот од 8,4 проценти, и како што и беше најавувано изминативе неколку месеци, Владата максимално посветено работи со сите расположливи мерки истата да ја сведе на минимум до крајот на оваа календарска година, со цел да го заштити стандардот на граѓаните, напиша вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на „Фејсбук“.

– Овие бројки се во согласност и со владините проекции со кои се предвидува просечната инфлација за 2023 да изнесува 8,9 проценти. Од друга страна оваа Влада посветува големо внимание и на креирање на позитивна бизнис клима, каде компаниите ќе бидат мотивирани да исплаќаат компетитивни плати чиј раст на годишно ниво ќе биде далеку над растот на трошоците на живот, наведува Битиќи.

Вицепремиерот очекува растот на просечната плата и понатаму да продолжи со двоцифрени стапки и да биде значително над растот на трошоците на живот. (Н.В.)