Инфлацијата пак добива сила, во јануари била 4,9 отсто
Владата не може да ја скроти инфлацијата. Најголемо зголемување на трошоците за живот има кај храната и безалкохолните пијалоци, за 5,7 отсто
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/12/Novogodisna-kosnica-vo-KAM-potrosuvacka-kosnicka-11-bg.jpg)
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, изнесува 0,2 отсто, соопшти денес Државниот завод за статистика. Во однос на истиот месец лани, пак, индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 4,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,2 отсто, покажуваат статистичките податоци.
Како што се наведува во соопштението на ДЗС, зголемувањето на инфлацијата во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Разновидни стоки и услуги за 1,6 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1,5 отсто, Ресторани и хотели за 0,7 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и Рекреација и култура за 0,1 отсто…
Во јануари 2025 година, во однос на декември 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Транспорт за 0,9 отсто, Комуникации за 0,4 отсто и Облека и обувки за 0,2 отсто.
Индексот на цените на мало во јануари 2025 година во однос на декември 2024 година изнесува 99,6.
Ако се гледа на годишно ниво, во јануари годинава во однос на истиот месец лани, најголемо зголемување на трошоците за живот има кај храната и безалкохолните пијалоци, за 5,7 отсто, а во рамките на оваа група, најмногу се зголемиле трошоците кај маслата и мастите, за 11,8 отсто, потоа кај зеленчукот за 10 отсто, безалкохолните пијаолоци за 16 отсто, , потоа винот за седум отсто, тутунот за шест отсто итн.
Високи стапки на пораст кај трошоците има и кај реалните наемнини за домување, за 6,3 отсто, потоа снабдувањето со вода за 6,4 отсто, собирањето смет 10,3 отсто, производите и услугите за редовно одржување ан домаќинствата за 5,7 отсто, а домашните услуги и услуги за домаќинствата дури за 22 отсто. Трошоците за стоматолошки улсуги биле поголеми за 8,8 отсто, за вонболнички здравствени услуги за 7,5 отсто, транспортните услуги за 14,3 отсто, воздухопловниот патнички транспорт за дури 30,2 отсто, услугите за сместување за 34 отсто и тн.
Инаку, минатата година, годишната стапка на инфлација изнесуваше 3,5 отсто, а цените на мало од 3,8 отсто.
Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците на живот се зголемени за 4,4 отсто, а цените на мало за 4,3 отсто.
Владата се обивдува преку разни мерки да ја заузда инфлацијата, па така минатата година ги промовираше есенската и новогодишната кошница, но откако виде дека таквиот начин на контрола на цените не даде резултати, сега посегна по ограничување на маржите во трговијата на големо на 10 отсто и исто толку во трговијата на мало.
Новоформираната стопанска комора на фирмите што работата во оваа област и кои во изминатиот период беа на удар на граѓански бојкот, предупредија дека ваквото ограничување на маржите ќе има погубно дејство врз нивнот работење и дека неминовно ќе резултира со отпуштања на вработените.
СДСМ ги коментираше најновите податоци на ДЗС при што посочи дека тие покажуваат оти индексот на цените бележи нов раст од 5,2 отсто.
„Овој алармантен податок уште еднаш потврдува дека земјата се наоѓа во длабока економска криза, предизвикана од неспособноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“, се вели во соопштението до медиумите.
Од СДСМ посочуваат дека за само осум месеци, граѓаните се доведени до раб на финансиска издржливост.
„Цените на основните прехранбени производи и услугите растат без контрола, сметките за електрична енергија се зголемуваат, парното е поскапо, а платите стагнираат. Домаќинствата секојдневно се борат со зголемени трошоци, а Владата нема ниту стратегија, ниту план како да се справи со овој хаос“, велат од СДСМ.
СДСМ предупредува дека оваа состојба е неодржлива. Потребни се итни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилизирање на економијата. „Затоа, уште еднаш повикуваме на усвојување на пакетот мерки кои СДСМ ги предлага и кои можат веднаш да донесат олеснување“, се вели во соопштението.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес конференција предложи серија мерки со кои, како што тврди, ќе им се помогне на граѓаните во борбата со скапотијата и со загрозениот животен стандард.
„Предлагаме намалување на ДДВ на струја од 18 на 5 проценти, со што на сметки од 3.000 заштедата ќе биде 400 денари. Предлагаме намалување на ДДВ-то на основните прехранбени производи што во комбинација со дополнително замрзнување на маржите и цените може да резултира со намалување на цените до 30 отсто. Предлагаме замрзнување на цените на основните прехранбени производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните прехранбени производи за да се намали ризикот од манипилирање и под итно да се спроведе Законот за нефер трговски практики. Предлагаме намалување на цената на зелениот картон за автомобилите, што ќе им заштеди на граѓаните и малите бизниси меѓу 9 и 11 милиони евра, како и замрзнувањето на придонесите што ќе овозможи да се зголемат платите“, изјави вчера Филипче.
Инаку, институтот за економски истражуавња и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) деновиве во бриф за ефектите од мерките за ограничување на цените на храната, посочи дека мерките на Владата придонесуваат за намалување на инфлацијата, но дека имаат скромен агрегатен ефект и затоа препорачува тие да се користат само во случаи на особено висока инфлација, а во сите останати случаи да се заменат со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи.
Од „Фајнанс тинк“ велат дека во периодот од 2021 до 2024 година, Македонија беше соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како тој на масло за јадење), предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021. Но, главниот удар врз цените дојде по почетокот на Руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари 2022, настан кој предизвика тектонски геополитички и економски поместувања, што имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и основните суровини. Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во Македонија е повисоко за 35%, додека нивото на цените на храната за 46.8%. (Н.В.)