Инфлацијата пак забрзува, во март беше четири отсто на годишно ниво


Инфлацијата во земјава, мерена преку трошоцина на живот повторно зема замав во март годинава, покажуваат официјалните статистички податоци, објавени денеска. Така, на годишно ниво инфлацијата, односно трошоците на животот во март годинава, во однос на март лани, бележат раст од 4,0 отсто, а цените на мало од 3,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2024 година, во однос на претходниот месец, изнесува 0,9 отсто, што исто така е зголемување во однос на трендот претходните месеци.

За споредба, според статистиката, годишната инфлација во февруари, беше три отсто, а месечната 0,4 отсто, а во јануари, изнесуваше 3,2 отсто на годишно ниво, а минус 0,3 отсто на месечно. 

Инаку, мартовската инфлација кореспондира со одлуката на Владата за укинување на мерката за замрзнати цени на дел од прехранбените производи и безалкохолните пијалоци, која заврши на 29 февруари. Како што е познато, со оваа мерка се гарантираа цените за повеќе прехранбени производи како за оризот, брашното, лебот и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни проиводи.

Наместо оваа мерка, од страна на државата беа најавени засилени инспекциски контроли, а голема надеж се полага и во Законот за нефер трговски практики, кој беше донесен во Собранието во текот на март, но за негово заживување ќе треба да се почека бидејќи трговците имаат рок од 6 месеци да склучат нови договори со производителите и дистрибутерите, па очекуваното намалување на цените од 20 до 30 отсто може да се очекува дури од септември.

Во однос на март минатата година, трошоците за живот за храната и безалкохолните пијалоци се зголемиле за 3,5 отсто, кај алкохолните пијалоци, тутунот и наркотиците за 11,5 отсто, кај облеката и обувките за 4,6 отсто, рестораните и хотелите за 6,5 отсто, здравствемната заштита за 5,5 отст и тн.

Инаку, зголемувањето на инфлацијата во март 2024 година, во однос на февруари 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 3,1 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 1,3 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,6 отсто, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,5 отсто, облека и обувки за 0,2 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и комуникации за 0,1 отсто.

Во март 2024 година, во однос на февруари 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групата мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,1 отсто.

Трошоците на животот во групата образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во март во однос на февруари 2024 година се зголемиле за еден отсто.