Инфектологот Вело Марковски дел од група што нелегално ископувала и продавала археолошки артефакти


На последниот ден од 2020 година, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе два обвинителни акти во кои се вклучени и две познати личности. Во првиот обвинителен акт – за недозволена трговија со културно наследство, обвинет е и инфектологот д-р Вело Марковски, како што објави СДК, кој неодамна стана член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а во вториот – за злоупотреба на службеното овластување околу случајот со тенискиот клуб „Љуботен“ од Тетово, членот на Судскиот совет Зоран Теофиловски.

Обвинителството водело повеќемесечна истрага за недозволените археолошки ископувања и потоа продажба на најдените артефакти. За тоа, покрај Вело Марковски се обвинети уште седум лица.

Тие се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година поединечно или заедно, за остварување на точно определени цели, без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на државата, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа ги продавале на купувачи во земјава и во странство.

Од Обвинителството информираат дека обвинетите Р.П, А.Б. и Ж.Р во наведениот период, со цел стекнување на противправна имотна корист, создале група за вршење на кривични дела поврзани со недозволени археолошки истражувања и ископувања, на која припадници станале и обвинетите В.М., И.Д., А.Б., Б.Д. и Ј. М..

Според обвинителството, тие меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите, со неовластена употреба на детектори за метал и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Пронајдените добра, сопственост на Р.С. Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, добрата ги прикривале на безбедни непознати локации и во домовите на обвинетите В.М., И.Д и А.Б. до пронаоѓање на купувачи.

Откако ќе биле пронајдени купувачите од земјата и од странство, обвинетите неовластено им ги продавале овие значајни добра, сопственост на државата. Купувачите ги изнесувале артефактите надвор од државата, во странство и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата.

„Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и друго кривично дело“, се наведува во соопштението на ЈО.

Во другото денешно обвинение е членот на Судскиот совет Зоран Теофиловски и уште 6 лица за „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“.

Според обвинението, во периодот од август 2011 година до декември 2012 година, обвинетите Теофиловски како одговорно лице – претседател на тениското спортско здружение „Љуботен“ Тетово и Ц. Н. како одговорно лице – управител во правното лице Тениски клуб „Љуботен“, со умисла ги потикнале обвинетите А. Н. како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џ. А., И. К., К. И. и И. Р. со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, со умисла да прибават значителна имотна корист за „Љуботен“, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари.