Инфективното во Битола ќе се реновира, новите хоспитализации во Модуларната болница


Модуларната болница во Битола

БИТОЛА – Инфективното одделение во Битола ќе се реновира, последните денови нема ниту еден пациент хоспитализиран со Ковид-19, но евентуално новите хиспитализации ќе бидат во Модуларната болница, рече директорката на Клиничката болница Битола д-р Билјана Гагачовска.

Во изминатиот период и покрај лошите услови за престој Инфективното одделение во Битола беше регионален центар каде се лекуваат болни од Ковид-19 од Битола и од сите околни градови. Пролета се пушти во употреба и Модуларната болница.

„По подолг период за првпат Инфективното одделение во Битола е без хоспитализирани пациенти. Меѓутоа состојбите се променливи, имавме нови позитивни пациенти, нови прегледи и во секој момент може да дојдеме до нови хоспитализации. Новите хоспитализации во евентуалниот есенски бран ќе бидат во Модуларната болница, која е нова, подготвена и целосно опремена. Располагаме со 90 кревети, но мораме да ја имаме и старата зграда“, рече д-р Гагачовска.

Во моментов течат подготовките со средства од Министерството за локална самоуправа да се изработи архитектонски проект за целосна реконструкција на зградата на Инфективното одделение. Во тек е и иницијативата започната со Министерство за здравство и бизнис секторот за собирање средства за целосна реконструкција на Инфективно, но како што вели Гагачовска, тоа ќе биде подолготрајна работа.

Во меѓувреме ќе се санираат два санитарни јазли во ковид 1 одделот од страна на ЈКП „Водовод“и тоа пред очекуваниот есенски бран.    

Состојбата со Ковид-19 во Битола засега е стабилна, а пред есента Гагачовска апелира до битолчани што помасовно да се вакцинираат.

Битолската болница е градена 1972, а Инфективното одделение е одвоено во посебен објект која досега не бил реновиран. (А.Б)