Инфективната клиника со нов пристап: Пациентите со Kовид-19 не се ставаат на апарати за дишење


Фото: Б. Грданоски

Клиниката за инфективни болести го промени начинот на лекување на пациентите, а со новиот пристап најголем број од пациентите со Kовид-19 не се ставаат на апарати за дишење. Искуството на нашите лекари, но и она што е искуство во светски размери е дека интубирањето и ставањето на апарат за вештачко дишење не дава резултати во лекувањето на болните од Ковид-19, пишува Слободен печат.

– Го променивме пристапот бидејќи сфативме дека и покрај ставањето на апарати за дишење ги губиме пациентите. Неуспесите беа повеќе од евидентни пред се заради специфичната патофизиологија на болеста и нејзината непредвидливост. Се покажа дека апаратот за вентилирање најчесто не помага кај пациентите со ковид-19. Во таа насока одат и светските искуства. Наместо на апарати за дишење пациентите се ставаат на неинванзивна вентилација со помош на маски. Овој начин на третман бара и уште поголем ангажман на здравствениот персонал бидејќи здравствената состојба на пациентот треба да се следи од минута во минута и да се реагираа со соодветна терапија доколку настане промена – вели Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Таа објаснува дека за промена на пристапот во лекување се координирале и со анестезиолозите од КАРИЛ кои имаат поголемо искуство во лекување на пациентите во тешка состојба.

– Искуството покажува дека со овие пациенти најчесто подобро е да се прави се друго за да се одржи пациентот и да не се става на апарати – вели Стевановиќ.

Директорката објаснува дека се уште на клиниката доаѓаат пациенти со тешки компликации и дека добар дел од нив доцна бараат лекарска помош.