Инфекцијата во Психијатриската болница во Демир Хисар ставена под контрола


БИТОЛА – Една недела, од минатиот понеделник, не е дијагностициран новозаболен од корона вирус во Демир Хисар, вклучително и во Психијатриската болница во овој град каде за многу кус период беа потврдени 24 позитивни на Ковид-19.

Во Демир Хисар од почетокот на кризата потврдени се 60 случаи на Ковид-19, од кои активно болни се околу дваесеттина случаи. Последната недела оздравеле дури 12 пациенти.

Во Психијатриската болница првиот позитивен случај беше потврден на 28 јули и од тогаш до денес, значи за неполн месец, оздравен е само еден пациент со два негативни теста, а денеска установата од Центарот за јавно здравје во Битола доби потврда дека на првиот контролен тест негативни се уште девет пациенти.

Досега во болницата од пациентите е починат маж на  73-годишна возраст во болница во Скопје. Останатите случаи се водат за активно болни.

Голем дел од потврдените случаи се асимптоматски, во судското одделение од 29 тестирани дури девет пациенти се позитивни, но без симптоми на болеста.

Во моментов само еден пациент од Психијатриска е на болничко лекување во потешка состојба, сите други што се со симптоми се во стабилна состојба и постојано им се прават рендген снимки и лекарски контроли, бидејќи добар дел од нив се со коморбидитети.

„Будно се следи состојбата во Психијатриската болница. Од 17 август до денес немаме нови потврдени случаи. Ова ситуација се должи на навремено преземени активности и координација со Министерство за здравство и Центарот за јавно здравје од Битола. Има постојана контрола на пациентите коишто беа симптоматски и навремено пружање на медицинска помош. Навремено ги изолиравме и асимптоматските. Ситуацијата е ставена под контрола“, вели директорката Татјана Лозановска, директорка на установата.

Позитивните случаи од персоналот на Психијатриска се лекуваат во домашни услови. Последно таму е потврден вирусот кај две медицински сестри, еден медицински техничар и кај физички работник. Болеста е помината кај лекарот кој беше заболен прв од вирусот на почетокот на кризата во март.

„Заболените од персоналот се во изолација под здравствен надзор, сега засега е мирна состојбата“, вели Лозановска.

Во Психијатриската болница и натаму се забранети посети, просториите се дезинфицираат на дневна основа, зашто пациентите користат заеднички спални, трпезарија, санитарни јазли. За пациентите и за персоналот се шијат по стотици маски во самата установа иако, како што вели Лозановска, тешко е да се натераат сите пациенти да носат заштитна маска и ракавици.

Што се однесува до Демир Хисар, градоначалникот Марјанче Стојановски вели дека на прсти се бројат активно болните од општината и дека ситуација се смирува.

„Речиси сите граѓани што беа позитивни оздравеа, на прсти се бројат оние кои што се водат за активни, но важно сите се во добра здравствена состојба. Најголем дел од активните болни се од Психијатриска. Моменталната ситуација е поволна, Демир Хисар оздравува и така нека остане“, вели Стојановски. (А.Б.)