Индустриското производство во март помало за 13,4 отсто


Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во март 2020 година, во однос на март 2019 година, изнесува 86,6 односно производството е помало за 13,4 отсто.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2020 година, во однос на март 2019 година, бележи опаѓање од 10,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија од 14,3 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација производството опаднало за 11,5 отсто.
Намалувањето на производството во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во март 2020 година, во однос на март 2019 година, бележи опаѓање кај Енергија за 12 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 11,9 отсто, Капитални производи за 20,1 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 7,8 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,1 отсто.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари − март 2020 година, во однос на периодот јануари − март 2019 година, изнесува 96,3 односно производството во овој период беше помало за 3,7 отсто.