Индустриското производство во април помало за 3,8 отсто од лани


Скопје, 31 мај 2022 (МИА) – Индустриското производство во април годинава во однос на април лани бележи пад од 3,8 проценти, а раст од 1,5 отсто во периодот јануари – април 2022 споредено со истиот период од минатата година, покажуваат податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во април 2022 година, во однос на април 2021 година, бележи опаѓање од 2,1 процент во Рударство и вадење камен и од 6,9 отсто во Преработувачка индустрија. Пораст од 28,8 проценти е евидентиран во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Намалувањето во Преработувачката индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во одделите: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема и Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место.

Според главните индустриски групи, производството во април 2022 година, во однос на април 2021 година, бележи опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 8 отсто, Капитални производи за 5,2 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,4 отсто, а бележи пораст кај Енергија за 24,1 процент и Трајни производи за широка потрошувачка за 10 отсто.