Индустријата „во лер“ – производството во јануари со раст само од 0,7 отсто во однос на лани


Илустрација

 Индустриското производство во јануари  годинава во однос на јануари лани е со раст од 0,7 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство бележи пораст од 36,6 отсто во Рударство и вадење на камен, а од 14,3 отсто во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација,  додека во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 4,3 проценти.

ДЗС посочува дека намалувањето во Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во одделите за произвдоство на прехранбени производи, на тутунски производи, на текстил, на производи од гума и производи од пластични маси, на метали,  на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема,  на електрична опрема, како и на одделот за производство на машини и уреди, неспоменати на друго место.

Според главните индустриски групи, пак, производството во јануари 2022 година, во однос на јануари 2021 година, бележи пораст кај Енергија за 18,9 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 1,5  проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 19,8  проценти. Опаѓање е евидентирано кај Капитални производи за 3 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 2,8 проценти.