Индустријата во Кина со раст од 4,4 отсто во мај, помалку од очекувањата


Кинеското индустриско производство се зголеми за 4,4 проценти во мај во однос на претходната година, но стапката на раст беше пониска од очекуваната, според официјалните податоци објавени денеска.

Аналитичарите прогнозираат раст од 5,0 проценти на годишно ниво, по порастот од 3,9 проценти во април, затоа што во мај повеќе компании го продолжија производството, што беше прекинато поради вонредните мерки воведени кон крајот на минатата година, поради епидемијата на вирусот Ковид-19.

Трговијата на мало на годишно ниво падна за 2,8 проценти, што е над предвидениот пад од 2,0 проценти, но сепак укажува на знаци на закрепнување на побарувачката на потрошувачите, ако се има предвид дека во април е регистриран нејзин пад од 7,5 проценти.

Продажбата беше во надолна линија четири месеци по ред бидејќи продавниците, рестораните и другите јавни места беа затворени за време на пандемијата.

Иако се олеснети строгите ограничувања, потрошувачите и натаму се претпазливи.

Инвестициите во приватниот сектор во основни средства, кои учествуваат со 60 отсто од вкупните вложувања, паднаа за 9,6 проценти од јануари до крајот на мај, споредено со падот од 13,3 проценти во текот на првите четири месеци од 2020 година.