Индустријата се разбуди во мај, производството повисоко за 6,1 отсто во однос на лани


Индустриското производство во мај годинава, во однос на мај лани, е зголемено за 6,1 отсто. Во периодот јануари – мај, пак, во споредба со минатата година растот изнесува еден процент, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2023 година, во однос на мај 2022 година, бележи пораст од 8,6 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 5,3 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 4,0 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на
мебел.

Според главните индустриски групи, производството во мај 2023 година, во однос на мај 2022 година, бележи пораст кај Енергија за 2,7 отсто, Капитални производи за 7,2 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 20,4 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 15,2 отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5,7 отсто.