Индиската писателка Бану Муштак ја доби Букеровата награда за 2025
Ова е прв пат книга со приказни да ја освои наградата, а Дипа Басти е првиот индиски преведувач и деветтата жена преведувач што ја добива наградата од 2016 година

Лондон- Индиската авторка Бану Муштак и преведувачката Дипа Басти ја освоија Меѓународната награда Букер за проза, за збирка од дванаесет приказни насловена „Heart Lamp”, пишувана повеќе од 30 години како хроника за секојдневниот живот на жените во јужна Индија. Веста ја објави писателот Макс Портер во улога на претседател на петчленото жири во уметничката галерија „Тејт Модерн“ во Лондон.
Ова е прв пат книга со приказни да ја освои наградата, а Басти е првиот индиски преведувач и деветтата жена преведувач што ја добива наградата од 2016 година. Муштак е шестиот автор што ја освоил Меѓународната Букерова награда оттогаш.
Портер ја пофали „радикалната“ природа на преводите, додавајќи дека е задоволство да се чуе како членовите на жирито сè повеќе ги фалат овие приказни.
„Овие прекрасни, живи, животопоказни приказни се напишани на каннада, јазикот што се зборува во индиската држава Карнатака. Тие се прошарани со необичното социополитичко богатство на други јазици и дијалекти. Тие зборуваат за животот на жените, нивните репродуктивни права, религијата, кастите, моќта на угнетувањето“, рече Портер. Оваа книга, која ги победи петте други финалисти, е напишана помеѓу 1990 и 2023 година и е избрана од преведувачката Дипа Басти, која се стремеше да ја зачува повеќејазичната природа на Јужна Индија во својот превод.
Авторката Бану Муштак, која е и адвокатка и активистка, рече дека овие приказни се за жените и како религијата, општеството и политиката бараат несомнена послушност од нив, и со тоа им штетат на суров и нехуман начин, претворајќи ги во подредени членови на заедницата.
„Оваа книга е родена од верувањето дека ниедна приказна не е безначајна, дека во ткаењето на човечкото искуство, секоја нишка ја има тежината на целината. Во свет кој често нè дели, литературата останува свето место каде што можеме да проникнеме во умовите еден на друг, ако прочитаме само неколку страници“, рече наградуваната авторка.
Бану Муштак пораснала во мал град во јужната држава Карнатака, во муслиманска средина, и како повеќето девојки околу неа, таа го учела Куранот на урду во училиште. Нејзиниот татко, владин службеник, сакал многу повеќе за неа, и кога наполнила осум години, ја запишал во училиште каде што наставата се одвивала на јазик каннада. Подоцна таа ќе го избере овој јазик како јазик на нејзината литература. Во интервју за „Вог“, таа ја сподели со читателите тешката ситуација со постпородилна депресија, кога имала 29 години, поради тоа што морала да носи бурка и ретко да го напушта својот стан. Таа се обидела да се самоубие, но нејзиниот сопруг го положил бебето пред нејзините нозе и ја молел да не ги остава. Поради ова животно искуство, нејзините женски ликови одржуваат дух на отпор и истрајност.
„Во мејнстрим индиската литература, муслиманските жени често се срамнети со земја во метафори како тивки маченици или тропи во туѓ морален аргумент. Муштак го отфрла сето ова, нејзините ликови се спротивставуваат, преговараат, а понекогаш и возвраќаат на начини што се важни за нивните животи“, е еден осврт за нејзината литература во индискиот печат.
Муштак работела како новинарка за добро познат локален медиум, кој е исто така поврзан со движењето Бандаја, кое се справува со социјалните и економските неправди преку литература и активизам. Откако се занимаваше со новинарство, една деценија подоцна, таа работеше како адвокат за да го издржува своето семејство. Во текот на нејзината децениска кариера, таа објавила неколку книги, вклучувајќи шест збирки кратки раскази, збирка есеи и еден роман, но честопати била и предмет на напади. Во 2000 година, таа доби заканувачки повици откако го поддржа правото на жените да се молат во џамиите. Против неа беше издадена фатва, таа преживеа напад со нож, а нејзиниот сопруг веднаш го совлада напаѓачот.
Сепак, ова не ја обесхрабрило и таа продолжила да се спротивставува на шовинизмот, а таквите теми заземаат централно место во нејзината литература.
„Општеството многу се промени, но во суштина останува исто, па затоа борбата на жените и маргинализираните групи продолжува“, рече Бану Муштак.
Авторката и преведувачот ќе ја поделат наградата од речиси 64.000 евра.
Манаши Субраманијам, главен уредник на „Пингвин Индија“, индискиот издавач на книгата, изјави за Би-Би-Си дека ова признание е значајно за целата регионална литература.
Меѓународната Букерова награда се доделува секоја година. Се доделува напоредно со Букеровата награда за белетристика на англиски јазик, која ќе биде доделена наесен.
Минатогодишниот победник беше романот „Каирос“ на германската писателка Џени Ерпенбек, во превод на Мајкл Хофман.