Индија одлучи да ги почитува санкциите против Русија


Руското пристаниште во Приморск каде се товари руската нафта во танкери

 

Индија нема да ги прекрши западните санкции против Русија, вклучувајќи го и плафонот на цената на руската нафта од 60 долари. Според извори на Блумберг, властите во земјата веќе неформално побарале од банките и трговците да се придржуваат до ограничувањата.

Како дел од министерскиот состанок на Г-20 во Делхи, индиските власти разговараа за ова прашање со колегите од САД и другите земји од Г-7. Според соговорниците на агенцијата, претставниците на западните земји биле задоволни од резултатите од преговорите. Од почетокот на војната во Украина, Индија и Кина станаа најголеми купувачи на руска нафта. Во исто време, една година претходно, Индија практично не купуваше руска нафта, а денес овој пазар стана еден од клучните пазари за Москва. Во текот на неделата од 17 до 24 февруари, земјата увезуваше 0,81 милиони барели нафта дневно од Русија, пишува Блумберг. Само Кина купи повеќе – 1,1 милиони барели дневно. Генерално, една година по инвазијата, рускиот поморски извоз на сурова нафта беше блиску до рекордот од почетокот на војната.

На почетокот на март, висок функционер на американскиот Стејт департмент изјави за Блумберг дека е задоволен од одлуката на Индија да купува нафта од Русија по цена под плафонот. Според него, набавката на нафта од Русија е постојана тема на преговорите меѓу САД и Индија, бидејќи Вашингтон сака да ја лиши Руската Федерација од приходите што ѝ се потребни на Москва за да води војна во Украина. Тој додаде дека администрацијата на Бајден ќе продолжи да разговара за индиските купувања на руска нафта со владини претставници.

Индиските увозници на руска нафта сѐ повеќе имаат проблеми во трансакциите. Менаџерите на рафинерите треба да им докажат на западните банки дека не го прекршуваат плафонот на цената на нафтата. Банките бараат сѐ повеќе докази и дополнително ги проверуваат документите на договорот, како и информациите за испорака и осигурување, објави Блумберг.

Земјите од Г7 и Европската унија од 5 декември поставија ценовно ограничување на извозот на руска нафта од 60 долари за барел. На западните банки, како и на осигурителните и логистичките компании, им беше забрането да даваат услуги на претпријатија во трети земји кои купуваат барели во Русија по цена над оваа вредност.