Индија ја подмладува армијата, воведува измени во начинот на регрутирање војници


Индија планира драстично да го промени начинот на регрутирање војници за својата армија.

Шемата за регрутација денеска ја соопштија министерот за одбрана Рајнат Синг и тројца армиски началници, појаснувајќи дека војниците ќе бидат регрутирани за период од по четири години, а четвртина од нив после отслужувањето на воениот рок ќе бидат воведени во активна служба.

Мерката што има за цел подмладување на армискиот персонал како и подобрување на квалитетот на ангажираните трупи, ќе почне наредните три месеци, а ќе се регрутираат млади лица на возраст меѓу 17 и пол и 21 година.

Согласно плановите, оваа година на тој начин ќе бидат регрутирани околу 46 илјади млади војници. Во рамки на четиригодишниот воен ангажман е вклучена и воената обука, а за активниот период во армијата ќе добиваат месечни надоместоци во износ од 30 до 40 илјади рупии.