Индија изгуби контакт со леталото кое патува на Месечината


Индија– Индија изгуби контакт со вселенското летало Викрам, кое се обиде да слета на јужниот пол на Месечината за да постави возило за да бара знаци за постоење вода на земјиниот сателит, објави денеска индиската Организација за истражување на вселената.

Сè уште не се знае дали леталото слетало или имало несреќа.

Индиската организација соопшти дека спуштањето на леталото кон Месечината било нормално до вториот километар од лунарната површина и дека е во тек анализа на податоците за да се утврди што се случило.

Мисијата Чандријан 2, за која беа потрошени околу 140 милиони американски долари, имаше за цел да ги анализира кратерите на „темната страна на месечината“, каде има резерви на вода, што беше потврдено од мисијата Чадријан 1 во 2008 година.

Новата мисија почна на 22 јули од вселенскиот центар во Сатиш Даван на островот Шрихарикота, по што Чандријан 2 помина неколку недели на пат кон Месечината за конечно да влезе во орбитата на 20 август. Вселенското летало Викрам се одвои од главниот брод на 2 септември и започна серија маневри за да се подготви за слетување.

Со успешно слетување на вселенското летало, Индија ќе станеше четвртата земја што го сторила тоа и само трета земја што поставила роботско возило.

Само три земји – САД, поранешниот Советски сојуз и Кина – слетаа летала на Месечината, а Кина, во јануари, стана првата земја што стасала до оддалечениот крај на Месечината.

Во април, израелско вселенско летало се урна на неколку моменти пред да слета на Месечината.