Индија до 2027 година би можела да стане трета најголема светска економија


Индија би можела да стане трета по големина економија во светот до 2027 година со бруто домашен производ од пет билиони долари, објави индиското Министерство за финансии.

Во моментов, Индија е петта по големина економија во светот, после САД, Кина, Јапонија и Германија.

Фискалната 2024 година во Индија започнува на 1 април 2023 година и завршува на 31 март оваа година, а Министерството за финансии на Индија очекува економски раст од седум отсто на годишно ниво или дури над седум отсто во овој период, пренесува Си-Ен-Би-Си.

Доколку се одржи оваа прогноза, тоа ќе биде трета фискална година по ред за Индија со економски раст од седум отсто.

„Силата на домашната побарувачка, односно приватната потрошувачка и инвестиции, се последица на реформите и мерките спроведени од Владата на Индија во последните десет години“, рече главниот економски советник на Индија, В. Ананта Нагесваран.

Тој очекува дека економскиот раст на Индија нема да запре ниту во следната фискална година и дека повторно ќе изнесува околу седум отсто.