Инциденти со Бугари во Загреб по острата изјава на Зоран Милановиќ за Македонија
На неколку бугарски државјани остро им било забележано дека Софија води „валкана политика против Македонија“. Полицијата ги истражува инцидентите
Острата изјава на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ против бугарската блокада на Македонија веројатно е поврзана со неколку инциденти против бугарски државјани во Загреб. Како што пишува „Јутарњи лист“ се случиле три инциденти, полицијата истражува два случаи, а третиот е решен со интервенција на бугарската амбасада.
Наводно, бугарската амбасадорка во Хрватска, Генка Весилева-Георгиева, ги навела тие инциденти во извештај и ги поврзала со изјавата на Милановиќ во Брдо кај Крањ.
Според првиот извештај, мета била постара дама, бугарска државјанка, која била нападната од таксист. Во извештајот се наведува дека таа влегла во такси, а возачот ѝ забележал дека премногу силно ја затворила вратата. Потоа ја прашал од каде е, и кога го слушна одговорот дека е од Бугарија, наводно следел агресивен вербален напад: „Вие, Бугарите со валканата политика кон Македонија, доаѓате да живеете тука во нашата прекрасна Хрватска“.
Во извештајот се наведува дека таксистот го запрел автомобилот, ја замолил дамата да плати за возењето и да излезе од возилото. Дамата излегла и го замолила возачот да ѝ помогне со тешка торба од багажникот, на што тој грубо ја фрлил торбата, па дамата, наводно, паднала поради тоа.
Во вториот случај, жалителот е исто така бугарска државјанка која пријавила дека предмети биле фрлени кон нејзиниот сопруг на пазарот. На ова претходела дебата за потеклото на стоката што се продава, а тоа довело до прашањето за потеклото на учесниците во дебатата. Продавачот започнал да го навредува бугарскиот државјанин затоа што, се вели во извештајот, „Бугарија ја уценува несреќната Македонија“, а потоа му бил фрлен предмет.
Во третиот случај, на синот на бугарски државјанин, наводно, му бил забранет пристап до градинка во Загреб. Но, по сомневањата за дискриминација на децата и интервенција на амбасадата, случајот бил решен.
Во средата, случаите ги спомена премиерот Андреј Пленковиќ. Тој ја коментираше реториката во вториот дел од кампањата, а потоа го повика претседателот Милановиќ. „Гледам дека и овој подбуцнувач од Пантовчак (седиштето на претседателот – н.з.) коментираше дека некои ги поттикнуваат. По неговите изјави за Бугарија, во Хрватска имало два инциденти против бугарски државјани. Мислам на Милановиќ“, рече Пленковиќ.
Милановиќ му одговори од Слуњ, каде се одржуваше воена вежба.
„Би можел да ве прашам што е работата со Бугарија. Премиерот оди наоколу и зборува за нападот врз Бугарите. За каков инцидент зборува Пленковиќ? Тоа е сериозно обвинување. Реков дека е комедијант… Со што јас сум подбуцнувач? Со предупредување дека политиката на една држава кон друга држава е неточна, дека станува збор за малтертирање на послабите. Бугарија е партнер со нас во нашите напори да станеме дел од Шенген зоната и реков, ако не беше јасно, дека притисокот и уцената на мала соседна земја за да се влезе во Шенген е погрешен начин. Пред 30 години, покојниот Туѓман зборуваше за Бошњаците како муслимани. Денес има Бошњаци, бошњачки јазик. Замислете некој во Хрватска да им го ускратува правото на Бошњаците да го нарекуваат јазикот бошњачки. Ова никому не му паѓа на памет во Хрватска и не треба да им се прави. Ова го чувствувам како моја мисија да кажувам такви работи… Практично во Хрватска никогаш нема Бугари. Илјада од нив влегуваат во Македонија секој ден, би очекувал да бидат прогонувани со мачети, но тоа го нема. Прашајте го што сакал да каже, нема ништо во весниците, полицијата не објави ништо. Што се случи? Некој истури вреќа со наут, боранија?“, рече Милановиќ.
Веднаш пристигна одговор на Пленковиќ: „Тој подбуцнувач и измамник е одговорен за извештајот што дошол до Министерството за надворешни работи и Владата од бугарската амбасада заради нападот врз тројца бугарски државјани затоа што тој кажал нешто на Брдо кај Крањ. Ако некој направи нешто за Северна Македонија, тогаш тоа е ХДЗ и мојата влада“, рече Пленковиќ.
Пред осум дена во Брдо кај Крањ, Милановиќ рече дека Северна Македонија е во невозможна позиција и дека „членка на Унијата влегува во нејзиниот интимен простор барајќи да ја дефинира својата национална генеза во учебниците по историја, како што бара соседната држава“.